Dzihat Aliju
20 Декември 2025•Ажурирај: 21 Декември 2025
ОХРИД (АА) – Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, ѝ се заблагодари на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) за поддршката што ѝ ја дава на земјата, јавува Анадолу.
ТИКА го реновира и опреми Јавниот научен институт за хидробиологија во Охрид и донираше опрема и возила на институцијата.
На церемонијата на инаугурирање на проектот во оваа институција присуствуваа претседателката на Северна Македонија, Силјановска-Давкова, амбасадорот на Турција во Северна Македонија, Фатих Улусој, претседателот на ТИКА, Абдулах Ерен, почесниот конзул на Турција во Охрид, Абдурахим Бајрактар, како и претставници на Општина Охрид.
- „Оваа поддршка покажува дека науката и етиката се неразделни“ -
Претседателката Силјановска-Давкова го изрази своето задоволство за проектот и ѝ се заблагодари на ТИКА за поддршката што ѝ ја даде на нејзината земја.
„Оваа донација уште еднаш покажува и докажува дека науката и етиката се неразделни. И овој потег на ТИКА, јас го сметам за етички потег“, рече таа.
Нагласувајќи дека ТИКА ја докажала својата поддршка за земјата и нејзините граѓани не само со зборови, туку и со дела, Силјановска-Давкова уште еднаш ја изрази својата благодарност за оваа помош.
- „Спроведовме проекти што им служат на сите градови и на сите луѓе во Северна Македонија“ -
Амбасадорот Улусој изјави дека „проектот што се спроведе под насоки на претседателката Силјановска-Давкова ќе даде важен придонес во напорите за заштита на природните убавини на оваа земја, особено на Охридското Езеро“.
Од своја страна, претседателот на ТИКА, Абдула Ерен, истакна дека Охридското Езеро е меѓу најстарите езера во Европа, велејќи: „Ѝ се заблагодарувам на претседателката Силјановска-Давкова што ја вклучи ТИКА како партнер во еден толку важен проект за заштита на оваа земја“.
Ерен нагласи дека ТИКА имплементирала над 1.300 проекти во Северна Македонија, додавајќи: „Од образование до здравството, од сточарството до зајакнувањето на административната инфраструктура, спроведовме проекти што им служат на сите градови и на сите луѓе во Северна Македонија“.
Директорката на Институтот за хидробиологија во Охрид, Орхидеја Тасевска, исто така, ѝ се заблагодари на ТИКА за дадената поддршка.
Исто така, ТИКА ја заврши и изградбата и опремувањето на Здравствениот дом на Општина Пласница, во близина на Охрид.