Admir Fazlagic
01 Септември 2017•Ажурирај: 02 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) реис-ул-улема хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во пораката, претседателот Иванов, на оние кои го слават празикот, посакува да го поминат во добро здравје, радост, среќа и хармонија, споделувајќи љубов со ближните.
„Како еден од најголемите празници во исламот, Курбан Бајрам ги потенцира човечките доблести – солидарноста и грижливоста, помагањето и дарувањето. Нека и годинешново празнување помине во духот на споделување и давање на сите оние кои имаат потреба од материјална поддршка, но и потреба од љубов и внимание", се вели во честитката изразувајќи уверување дека ИВЗ и нејзините верници активно ќе придонесуват во општеството.
„Би сакал токму на овој голем празник, уште еднаш, да го изразам своето уверување дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници како нераскинлив дел од македонското општество и понатаму активно ќе придонесуваат за градење почит и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија", вели претседателот Иванов.
Карактеристично за празникот Курбан Бајрам е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.