Furkan Abdula
20 Декември 2021•Ажурирај: 20 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, пристигна во Скопје, со својата делегација на првиот дел од неговата официјална работна посета на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, јавува Агенција Анадолија (АА).
Авионот, кој полета од аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул, слета на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
Шентоп на аеродромот беше пречекан од потпретседателот на Парламентот на Северна Македонија, Горан Мисовски, поранешниот претседател на Уставниот суд на Северна Македонија Салих Мурат, турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, пратеникот и претседател на Турската демократска партија (ТДП) во Северна Македонија Бејџан Илјас, заменик-претседателот на ТИКА Махмут Чевик, военото аташе на турската Амбасада во Скопје, Серкан Чакир, како и претставници на други турски институции во земјата.
Шентоп, кој утре ќе биде пречекан со официјална церемонија во Парламентот на Северна Македонија, ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Талат Џафери, и ќе се обрати пред пратениците.
Потоа, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, ќе го прими Шентоп и неговата парламентарна делегација.
Претседателот на турскиот Парламент ќе го посети Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) и ќе се сретне со учениците во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје.
Шентоп, кој ќе учествува на одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, ќе има и свое обраќање.