Furkan Abdula
20 Декември 2022•Ажурирај: 21 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Мустафа Шентоп, во рамки на посетата на Северна Македонија, го посети основното училиште „Тефејуз“ во главниот град Скопје, каде што наставата се одржува на турски јазик, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп заедно со својата делегација беше примен од директорот на училиштето, Салајдин Зекир, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, како и од наставниците и учениците.
Тие ја посетија спомен-плочата на загинатите од Движењето „Јуџел“ поставен во училишниот двор, во знак на сеќавање на организацијата „Јуџел“, чии членови пред 74 години ги жртвуваа своите животи во одбрана на турската кауза и националните и духовни вредности.
Шентоп, во својот говор, упати честитки по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.

„Исто така, за вас има голем поздрав од нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој ви испраќа најсрдечни честитки вам и на вашите деца за прославата на Денот на наставата на турски јазик“, рече Шентоп.
Претседателот на турскиот Парламент за училиштето „Тефејуз“ рече дека претставува симбол на образованието на турски јазик во Северна Македонија и „џиновски јавор“ кој има традиција од 138 години. Нагласи дека со образованието што ќе го добијат учениците во ова училиште ќе го претставуваат „турскиот идентитет и цивилизација на овие простори и во иднина ќе го пренесуваат нашиот јазик, религија, цивилизација и култура“.
„Како лекари, наставници, инженери, адвокати и политичари, од вашите раце ќе зависи обликот на иднината на Балканот и светот. Со квалитетното образование што го добивате во ова училиште, верувам дека ќе бидете генерацијата што ќе ја подигне благосостојбата на овие територии, што ќе донесе мир и стабилност на Балканот и што ќе го направи мирот траен“, изјави Шентоп.
Тој истакна дека изучувањето на јазикот обезбедува културното богатство да се пренесува од колено на колено, и да се чува и одржува во живот културното богатство. Додаде дека наставниците, освен што предаваат на турски јазик, тие го пренесуваат секој елемент од големата цивилизација што ја изградила турската нација.
Понатаму, Шентоп рече дека важноста што Турците на Балканот му ја придаваат на турскиот јазик заслужува големи честитки и додаде дека цивилизацијата „стара 1.000 години сè уште живее овде и овој дух и идентитет сè уште постојат на Балканот“.
Директорот на училиштето Тефејуз, Салајдин Зекир, му се заблагодари на Шентоп за неговата посета по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.
На церемонијата, учениците подготвија програма со поезија, фолклорни песни и традиционални ора.