Bekim Laci
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител на Македонија, Иџет Мемети, денес го претстави извештајот од спроведеното истражување за вклученоста на децата и младите со посебни потреби во средното образование, по повод 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, при што констатираше дека шест години по ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попречност, работите не одат напред, јавува Anadolu Agency (AA).
Во присуство на министерката за образование и наука, Рената Дескоска, заменик-претставничка на УНИЦЕФ во Македонија, Елспет Ериксон, пратеници и претставници во земјата, Мемети нагласи дека, за жал, секојдневието на лицата со попречност е во постојано докажување на нивните способности, исполнето со препреки во движењето, препреки во комуникација со другите, препреки во пристапот до услуги и во користењето на услуги, во прифаќањето и разбирањето на попреченоста.
Мемети го истакна недостигот на пристапни рампи пред влезовите на образовните установи, театрите, кината, државните органи и иституции, односно за нивниот квалитет на местата каде што се поставени.
„Имено, образованието, такво како што е во моментот, повеќе е обид за интеграција отколку за инклузија на децата со попречност, а законите што ја уредуваат оваа материја не ја препознаваат попречноста како основ на дискриминација. Отсуствуваат приспособени и соодветно опремени училишта со потребните ресурси за непречено остварување на правото на образование на децата со попречност во редовното образование“, рече Мемети, кој очекува констатациите од извештајот да бидат сериозно разгледани од страна на надлежните органи.
Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, изјави дека препораките на народниот правобранител треба да бидат спроведени од страна на власта, и додаде дека првото прашање на кое наишла при доаѓањето на функцијата министер за образование, бил особено проблемот на децата со попречност, за кој е формирана одделна работна група со претставници на институцијата народен правобранител, експерти, претставници на НВО и на семејствата на децата со попречност, за на тој начин да се најде решение за проблемот.
„Како резултат на таа работа, прашањата со коишто се занимава оваа група на почетокот од наредната година ќе бидат испратени на постапка во Собранието, за да се иницира измена на Законот за основно и средно образование“, вели Дескоска, која нагласи дека Владата на Македонија ја промовира политиката „Едно општество за сите“, што, според неа, подразбира и услови за оваа категорија на луѓе, поточно право за образование што ќе се реализира преку предвидените средства со буџетот за 2018 година, промовиран денес.
Од друга страна, заменик-претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Елспет Ериксон, чија институција финансиски ја поддржа во изготвувањето на извештајот, рече дека целата оваа работа е поврзана исклучиво со децата, со нивното право на образование, независно од економскиот и општествениот статус, и независно од тоа од каде доаѓаат, што се заокружува со инклузивно образование, покривајќи ги нивните образовни потреби.
Извештајот кој е изготвен врз основа на податоците од анкетата поднесена до сите средни училишта во Македонија, како и од спроведената анализа на законската регулатива, открива дека 52 средни училишта, или 56,5 отсто истакнале оти имаат ученици со попречност, а образовниот процес во средните училишта го следат 246 ученици со попречност, или 2,79 ученик во едно училиште.
Тоа што загрижува е дека во осум училишта каде што има вакви ученици, не се формирани инклузивни тимови, а загрижува и податокот што во тие училишта каде што има пристапна рампа, внатрешноста на училиштето не овозможува пристап за овие деца.