Admir Fazlagic
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
СКОПЈЕ (AA) - Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, кој беше приведен денеска под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година, по завршувањето на распитот во Основниот суд Скопје 1, го напушти судот, повикувајќи се на пратеничкиот иминутет кој го штити, пренесува Anadolu Agency (AA).
По напуштањето на судот, Вељаноски за медиумите кратко изјави дека не е еден од организаторите на настаните од 27 април.
По спроведена сеопсежна предистражна постапка, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица, меѓу кои е и Вељаноски, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста".
Потсетуваме, вечерта на 27 април 2017 година, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, протестирааа пред зградата на Собранието, а потоа насилно влегоа во собраниската зграда.
За насилните настани во Собранието се водат судски постапки за десетици луѓе, вклучувајќи и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.