Zülfiya Yakup
20 Февруари 2017•Ажурирај: 21 Февруари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во организација на Собранието на Косово денеска започна дводневен Самит на парламентарните комисии за надворешни работи на европските земји и претставници на Европскиот парламент. Учесниците дискутираат за перспективите на проширувањето на ЕУ, зајакнување на соработката меѓу балканските земји на патот кон интеграцијата во меѓународните организации, за мигрантската криза и за борбата против тероризмот и радикализмот во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Гостите на отворањето на Самитот ги поздрави претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, кој рече дека приоритет за Косово е интеграцијата во ЕУ, иако ЕУ во последно време минува низ критични моменти.
Весели смета дека волјата на ЕУ да остане обединета, е многупати посилна од спротивната тенденција, и дека ЕУ, како либерална демократија, е најдобра алтернатива за соживот меѓу заедниците од различни култури и религии. Според него, Косово е земја којашто се гради врз европските вредности.
„Косово стои цврсто на принципите на добрососедската политика и комуникација без препреки. Во сите области имаме изградено односи со своите соседи, Албанија, Македонија, Црна Гора и од пред неколку години сме вклучени во отворен дијалог со нашиот северен сосед, Република Србија, со цел нормализирање на нашите односи, како прв чекор на неизбежниот пат кон реципрочно взаемно признавање“, рече Весели.
Шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, истакна дека ЕУ ќе продолжи како и другите земји во регионот, да го поддржува и Косово, а доказ за тоа е стапувањето во сила на Договорот за стабилизација и асоцијација.
Таа истакна дека Косово постигнало значителен напредок и дека исполнило 93 од 95 критериуми потребни за добивање визна либерализација. Сепак, таа нагласи дека клучот за добивање на визна либерализација е во рацете на косовските политичари.
„Да се усвои договор за демаркација на границата со Црна Гора и да се преземе посилна борба против организираниот криминал и корупцијата. Ги охрабрувам косовските политичари, позицијата и опозицијата, да го изнајдат потребниот консензус за исполнување на уште двете преостанати барања“, рече Апостолова.
Учесник на Самитот е и Хасан Басри Курт, член на Комисијата за надворешни работи на Големото народно собрание на Турција, кој оцени дека ЕУ мора да има нов пристап, затоа што во последниве години го изгуби својот кредибилитет. Како пример го наведе прашањето за илегалните мигранти, бидејќи многу земји на ЕУ сакаа да ја затворат вратата за бегалците, додека Турција постигна договор за прием на бегалци. Тој исто така истакна дека по обидот за државен удар минатата година, Турција очекувала поголема поддршка од ЕУ.
„Многу нè критикуваа за мерките што ги презедовме за одбрана на нашата демократија, но никој не изнесе слична загриженост кога Франција прогласи вонредна состојба. Турскиот народ го гледа тоа како имање двојни стандарди“, рече Курт. Потребен е, додаде тој, искрен дијалог за придружување, и оцени дека Европа не може да биде пионер на либералните вредности додека милиони муслимани се дискриминираат во Западна Европа.