Zylfije Adem Jakupi
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
ПРИШТИНА
Повеќе стотици средношколци учествуваа во протестниот марш одржан во центарот на Приштина против вознемирувањето и сексуалната злоупотреба на девојките и жените, известува Агенција Анадолија (АА).
Протест под мотото „Траума, не игра“ го организираа учениците на три приштински гимназии, „Сами Фрашери“, Џевдет Дода“ и „Ахмет Гаши“, откако на социјалните мрежи се појави видеоснимка на која две малолетни момчиња сексуално злоставуваат малолетно девојче, сите ученици на Основното училиште „Фаик Коница“ во Приштина.
Учениците носеа транспаренти на кои беше испишано: „Денес во основно, утре каде?“, „Сакам да учам, а не да ме вознемируваат“, „Едуцирај го синот, заштити ја ќерката“, „Живот без насилство - право на секоја жена“, „Почитувај ја жената“ и други пароли.
Организаторите повикаа да се протестира за девојките и жените, за сестрите и мајките, поради видеоснимката која открива „ниско ниво во кое сме западнале како општество и висока потреба на нашето општество за подигање на свеста во врска со феноменот на сексуалното вознемирување.“
Ени Алиу од Гимназијата „Сами Фрашери“ на насобраните им се обрати со зборовите дека сите што го погледнале видеото биле иритирани, како и дека речиси секој имал можност во текот на животот да види слични случаи меѓу другарите или во семејството.
Алиу рече дека учениците имаат две главни барања до надлежните институции.
„Првото барање е воведување сексуално воспитување во наставната програма на нашите училишта. Сите знаеме колку овој предмет е неопходен, а колку тој досега е игнориран од системот и институциите во однос на образованието во Косово. Нашето второ барање е во врска со психолозите во училиштата“, рече Алиу.
Тој нагласи дека поголемиот број училишта имаат психолози, но дека тие никогаш не им се достапни на учениците.
На протестот е видена и поранешната претседателка на Косово, Атифета Јахјага.
Претходно изреагира и Групата за безбедност и родова рамноправност, која изрази загриженост и најостро го осуди сексуалното вознемирување, односно нападот на учениците од основното училиште во Приштина.
„Овие наводни дела за првпат станаа јавни по пат на видеоснимка која во последните денови кружи низ дигиталните портали и социјалните мрежи. Групата за безбедност и родова рамноправност ги повикува релевантните институции да преземат ефикасни мерки и да го решат овој деликатен случај со највисок приоритет, за да може да се осигура нулта толеранција на сексуалното вознемирување, како и безбедност на децата во текот на нивните секојдневни активности, вклучувајќи ги тука и активностите во школскиот период, особено во и околу школските објекти“, се наведува во нивната реакција.
Групата за безбедност и родова рамноправност, исто така бара „примена на сеопфатно образование за сексуалност во нашиот образовен систем, вклучувајќи и во основните училишта“, како и активирање на работата на психолозите во училиштата.
Групата за безбедност и родова рамноправност е група со повеќе актери, со која претседаваат Жената во Обединетите нации (UN Women), а меѓу членките се Меѓународната организација за миграции (IOM), Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Фондот за деца на Обединетите Нации (UNICEF), Фондот за население на Обединетите нации ((UNFPA) и други организации.