Abdula Berisha
29 Декември 2022•Ажурирај: 30 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Здружението на албанските политички затвореници во Северна Македонија, поддржано од неколку политички партии, организира протест пред Српската амбасада во Скопје, јавува Агенција Анадолија (AA).
Десетици демонстранти кои носеа национални знамиња на Албанија и Косово, на ЕУ и НАТО, како и транспаренти „Стоп за воинствените политики“, „Србија на криминалот“, „Тргнете ги рацете од Митровица“, се собраа за да изразат поддршка за институциите на Косово и да протестираат против поставувањето барикади на северот на Косово.
Шпетим Положани, еден од организаторите на протестот, рече „Имаме морална и национална обврска да го изразиме револтот за инсценираната ситуација на северот на Косово“, потсетувајќи дека актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, бил министер за информации во периодот 1998 - 2000 година.
„Последователните изјави дека Србија ќе ги штити Србите во секој агол на Косово ме потсетуваат на изјавите на Милошевиќ, кој рече дека на Србите во Косово нема да им фали ниту влакно“, рече Положани.
Демонстрантите порачаа дека не протестираат против српскиот народ, туку против државниот врв на Србија.
Положани, исто така, го спореди српскиот претседател Александар Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин.
„Зарем не сме сведоци на крвава неоколонијалистичка војна во Украина, во која Русија сака да ја ограби татковината на Украинците? Зарем менторот на Вучиќ, Путин, не ги злоупотреби верските лидери и Русите од Украина во војната што се случува таму? И оваа лоша копија на Путин ги следи неговите чекори. И тој косовските Срби ги користи како алатка за да остане на власт“, рече Положани.
Тој, исто така, упати повик до КФОР и ЕУЛЕКС да дејствуваат за зачувување на суверенитетот и слободното движење, во соработка со косовските власти.
Протестот заврши мирно и без инциденти, а беше придружуван од полициски сили кои го блокираа патот пред Српската амбасада во Скопје.
- Ситуацијата во Косово -
Од 10 декември, локални Срби поставија барикади на неколку патишта на северот на Косово, каде што слободното движење беше блокирано како реакција на апсењето од страна на косовските полициски власти на поранешниот полицаец на Косовската полиција од српската заедница, Дејан Пантиќ.
Косовските правосудни органи неодамна ја сменија одлуката за поранешниот полицаец Пантиќ од притвор во домашен притвор. Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, синоќа соопшти дека претседателот Александар Вучиќ ги повикал косовските Срби да ги повлечат барикадите лоцирани на северот на земјата.
Косовската полиција во текот на денешниот ден соопшти дека граничниот премин „Мердаре“ е функционален, откако остана блокиран од барикадите поставени на српската страна на границата, додека денеска се очекува да бидат отстранети и останатите поставени барикади на територијата на Косово.