İhvan Radoykov
10 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
АСЕНОВГРАД (АА) - Бугарските националисти одржаа протест против ромската заедница во Асеновград, на југоистокот од земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во подрачјето, продолжуваат протестите против ромската заедница поради пресметката што пред 10 дена се случи меѓу спортистите од бугарскиот младински веслачки тим и локалната ромска заедница. Полицијата поведе истрага откако пред 10 дена, во пресметката беа повредени неколкумина спортисти. Беа приведени 9 момчиња од ромската заедница, учесници во судирот меѓу двете групи. По ослободувањето на некои од осомничените Роми, денеска во знак на протест, во центарот на градот се собраа стотици лица.
Демонстрантите извикуваа слогани од типот: „Бугарија е на Бугарите“ и носеа бугарски знамиња и крстови.
Демонстрантите сметаат дека интеграцијата на ромската заедница во Бугарија е невозможна, и истакнаа дека ромското малцинство што живее во Бугарија треба да замине за Индија.
Изјава за АА даде организаторот на протестот, кој сакаше да остане анонимен. „Постои само една причина за нашиот протест, а тоа е нашиот заеднички дом Бугарија. Доколку се изврши кривично дело и судскиот систем е индиферентен кон извршителите на тоа дело, земајќи ја за изговор етничката припадност, тогаш ние излегуваме на улица. Ние не сме против Ромите и Турците, но потребно е тие да ја познаваат нашата традиција, јазикот и обичаите. Живеат во Бугарија и треба да се гордеат со тоа“.
Поддршка на протестот дадоа членовите на клубот на моторџии од Пловдив и од Асеновград. Генади Ставрев, еден од членовите на моторџискиот клуб, истакна дека протестот не е поттикнат од етнички причини, туку е само против неправдата.
Поради протестот, полицијата и жандармеријата презедоа засилени безбедносни мерки во центарот на градот, а пак демонстрантите, откако беше прочитано известувањето го прекинаа протестот.
- Ромите од Асеновград вознемирени -
Во меѓувреме, жандармеријата оформи безбедносен кордон и врши проверка на влезот и излезот од ромските населби, што создаде вознемиреност кај Ромите. Сѐ повеќе се зголемува незадоволството кај Ромите кои сега се ограничени во своето движење по улиците поради неколку лица што учествувале во тепачката.
Демонстрантите истакнаа дека ќе продолжат со протестите сѐ додека не се отстрани небезбедноста што потекнува од ромските населби.
Од друга страна, по тензиите во Асеновград, слични протести се одржани и во други градови во Бугарија во кои постојат ромски населби.
Бугарија има 7 милиони жители, а 10 отсто од нив се Роми.