Ivana Ramadanova
15 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа Регионална конференција насловена „Јакнење на финансискиот надзор на парламентите од Западен Балкан“, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата, пратеници и претставници од парламентите од Западен Балкан, и тоа од Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и од Косово, заедно со претставници од Светската банка, регионални експерти и претставници од Европскиот парламент, разговараа за различните аспекти на регионалната соработка и за тоа како да се унапреди буџетскиот и законодавниот надзор на Западен Балкан.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, кој ја отвори регионалната конференција, истакна дека сите нејзини учесници ќе понесат позитивни сознанија и искуства.
„Оваа надзорна улога е особено важна кога станува збор за буџетот, бидејќи тој се полни, пред сѐ, од граѓаните, а ние сме пратеници избрани во парламентот токму од граѓаните. Затоа, наша законска, но и демократска обврска е да вршиме транспарентен надзор на тоа како се трошат народните пари и дали преку буџетот се задоволуваат интересите и потребите на граѓаните, сфатено во најширока смисла на зборот, и дали со буџетот се обезбедува стабилна сегашност и развојна иднина. Верувам дека во претстојните два дена, вие ќе дадете конкретни одговори и насоки на сите овие прашања и дилеми. Се надевам дека тие одговори и насоки, нема да останат само на хартија, туку веќе во текот на усвојувањето на буџетите во националните парламенти, а особено при нивната реализација, ќе бидат и практично применети“, додаде Џафери.
Претседателот на Комитетот за европска интеграција, Артан Груби, го поздрави одржувањето на регионалната парламентарна конференција, која ја симболизира посветеноста кон соработката и заедничките европски вредности на парламентите од Западен Балкан.
„Процесот на проширување на Европската Унија е историски момент за европскиот континент, но и за земјите од Југоисточна Европа. Јавната перспектива за членство во ЕУ претставува моторна сила за спроведување на напорните реформски процеси пред коишто е исправен нашиот регион. Процесот на интегрирањето во ЕУ не спаѓа само во доменот на надворешната политика, тука сѐ повеќе станува внатрешна политика и стратешко прашање на земјите-аспиранти за членство. Сите ние ги чувствуваме предизвиците со коишто се соочуваат земјите од нашиот регион, кои нѐ упатуваат на меѓусебна зголемена соработка“, истакна Груби.
Kонференцијата насловена како „Јакнење на финансискиот надзор на парламентите од Западен Балкан“ e организирана од страна на Мрежата на парламентарни комисии за економија, финансии и евроинтеграции на Западен Балкан.