Admir Fazlagic
13 Март 2019•Ажурирај: 30 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Денеска од страна на Сенатот на Романија се донесе едногласна одлука со 95 гласа „за“, во прилог на ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Собранието на Република Северна Македонија, по гласањето, претседателот Џафери беше поканет на говорницата од каде што се обрати, при што им се заблагодари на сенаторите за поканата да биде денеска присутен на пленарната седница на Романскиот сенат, на чинот на ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
„Уште еднаш, Романија ја демонстрираше својата посветеност, пријателство и поддршка кон Република Северна Македонија за остварување на нејзината евроатлантска определба, овозможувајќи една кохерентност и заедничка иднина. Дозволете искрено да се заблагодарам од мое лично име, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од име на нашите граѓани, чест ни е што сте наши вистински пријатели и партнери“, истакна Џафери.
Романија е една од шесте земји членки на НАТО што го ратификуваа Протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија. Протоколот прва го ратификуваше Грција, по што следуваа Словенија, Албанија, Хрватска и Црна Гора.
Членките на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 членки на Алијансата, Северна Македонија официјално ќе стане полноправна членка.