Vesna Besic
11 Октомври 2024•Ажурирај: 17 Октомври 2024
ЈАБЛАНИЦА (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ -
Една од најтрагичните приказни од минатонеделните поплави во Босна и Херцеговина е онаа на трудницата Ајла Бегиќ (28), која за жал загина. На неа паднало огромно дрво, пишува Анадолу.
Сето тоа се случи минатата недела кога областа беше погодена од поплави. Жителите на селото Злате кај Јабланица цела ноќ биле будни и се обидувале да си ги спасат куќите. Но, во четвртокот, околу два часот по полноќ, поројот целосно уништи три куќи. Една од првите куќи кои се најдоа на удар е семејната куќа на семејството Бегиќ.
За жал, во овој трагичен случај загина Ајла, која била во осмиот месец на бременоста. Таа зад себе ги остави сопругот Дино и ќерката Далал.
Во моментот кога поплавата го зафатила нивниот дом, Ајла сфатила дека мора итно да ја напушти куќата за да се спаси себеси и својата петгодишна ќерка Далал. Таа ја фатила за рака и се упатила кон гаражата, која изгледала побезбедна, но силен бран од вода донел стебло од дрво кое ја удрило Ајла и насилно ги раздвоило. Ајла, за жал, не преживеала, додека малата Далал за чудо ја избегнала смртта, иако се здобила со повреди.
Ибрахим Бегиќ, свекрот на Ајла, го посети местото каде била нивната семејна куќа во селото Злате кај Јабланица. Сега на местото има само камења и големи дупки.
Насекаде може да се видат лични работи - облека, чевли, некои книги и играчки на малата Далал.
„Во Злате сум роден, пораснав и живеев цело време. Во куќата живеевме синот, внуката и снаата Ајла. Таа беше во осмиот месец од бременоста“, раскажа видно потресениот Ибрахим кој пред околу една година останал без сопругата.
Присетувајќи се на таа ноќ минатата недела, тој рече дека тие биле будни и биле пред куќата.
„Малечката спиеше. Ајла отиде да ја разбуди и тогаш почна сѐ. Мене ме бутна долу, јас некако се извлеков и го повлеков син ми. Таа одеше зад нас, беше до нас. Со неа беше малечката. Ја спаси жената од мојот брат. Ненормално паѓаше дожд. Снема и струја, имав и батерија која пукна. Тоа се сцени кои не можам да ги заборавам“, изјави Ибрахим.
„Куќата е целосно уништена, сега има само камења, но тоа не е ни важно сега, само таа да е жива. Беше добра. Внуката само молчи. Дојдов овде да видам дали има некои од предметите од куќата, но нема. Кога навечер ќе дојдам во сместувањето, внука ми прашува: „Дали најде нешто од играчките? Дете е таа“, рече Ибрахим.
Моментално се сместени кај роднини, ќе видат што ќе прават понатаму.