Северна Македонија: Бројката на лица позитивни на коронавирусот се искачи на 48
„Дијагностицирани се 6 нови пациенти, заболени со коронавирус. Се работи за едно девојче од Штип на 4-годишна возраст, кое се инфицирало во градинка во Англија", соопшти министерот Филипче
Admir Fazlagic
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија соопшти дека во земјата се регистирани 6 нови пациенти, заболени со коронавирус (Ковид-19), со што вкупната бројка на заболени од овој вирус во земјата се искачи на 48, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Дијагностицирани се 6 нови пациенти, заболени со коронавирус. Се работи за едно девојче од Штип на 4-годишна возраст, кое се инфицирало во градинка во Англија. Семејството се вратило во земјата на 14 март и било во домашна излоација. На тестирање се јавиле вчера, два дена откако девојчето ги почуствувало првите симптоми", соопшти министерот Филипче.
„Во Дебар се регистрирани 3 нови случаи на коронавирус, тестовите се направени во рамките на скринингот. Во Скопје е регистриран 1 случај, контакт на претходно дијагностицираните. И во Гостивар е потврден случај на коронавирус. Се работи за жена вратена од Швајцарија која била во домашна изолација. На тестирање се јавила сама, а на епидемиолошката анкета навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија", информираше министерот Филипче.
Исто така, тој информираше и дека во моментов се тестираат 35 лица, како и дека кога ќе бидат готови резултатите јавноста ќе биде известена.
Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски вчера прогласи вонредна состојба на територија на целата држава, со цел борбата против ширењето на коронавирусот.