Furkan Abdula
28 Мај 2021•Ажурирај: 29 Мај 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека заклучно со вчера, во земјата се вакцинирани над 230.000 граѓани против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на ова министерство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, додека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата „vakcinacija.mk“ е 427.535 граѓани.
„На вакциналните пунктови во државата, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 231.014 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.504 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.598 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 290.829 дози вакцини, а ревакцинирани се 59.815 граѓани. Со последните бројки 47 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација.
Како што се наведува во соопштението, се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата „vakcinacija.mk“, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
„Масовна вакцинација се одвива во неколку града во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп“, се додава во ова соопштение.
Министерството за здравство на Северна Македонија апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“, бидејќи, како што се нагласува во соопштението, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.