Admir Fazlagic
20 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
СКОПЈЕ
Во полициска акција на полицијата во кумановско Лојане и Ваксинце пронајдени се вкупно 28 мигранти, а приведени се три лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија, денес, во раните утрински часови од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север, во содејство со Единицата за брзо распоредување и Сектор за внатрешни работи (СВР) Куманово, а по претходно издадена Наредба од Основен суд Куманово, бил извршен претрес во две куќи во селата Лојане и Ваксинце, поради основано сомнение за сторено кривично дело криумчарење мигранти.
„При извршен претрес во домот и помошните простории во сопственост на лицето Ќ.А.(66) во с.Ваксинце пронајдени се 10 лица мигранти од Бангладеш, поради што се приведени Ќ.А. и Ф.А.(27) од с. Ваксинце. Додека во с. Лојане, при претрес на домот и помошни простории во сопственост на А.А.(48) биле пронајдени вкупно 18 лица мигранти, од кои 16 од Пакистан и две од Авганистан, меѓу кои 4 малолетни лица. Во врска со настанот приведено е лицето З.А.(53) од с.Лојане", се вели во соопштението на МВР.
Се додава дека во текот на денешниот ден приведените лица ќе бидат изведени пред суд, а мигрантите ќе бидат префрлени во Прифатниот центар „Винојуг“, Гевгелија.
До Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави, поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.