Husamedin Gina
18 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
ТЕТОВО
Во организација на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје и турската Фондација „Стрелци“ денес во Тетово се одржа финалниот натпревар „Балкански куп во стрелаштво - Тозкопаран Искендер“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На финалниот натпревар во традиционално турско стрелаштво, што се одржа во Арабати Баба-теќе во Тетово, поддржан од АД „Халк банка“ Скопје, учествуваа натпреварувачи од 7 балкански земји, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Хрватска.
Во женска конкуренција, првото место го освои Алмина Баралија од Босна и Херцеговина, второто место ѝ припадна на Селма Мехмед од Северна Македонија, а третопласирана беше Насиха Хасиќ исто така од Босна и Херцеговина.
Во машка конкуренција првото место му припадна на Амел Балјиќ од Босна и Херцеговина, втор беше Жељко Ацман од Хрватска, а третопласиран Ермал Драгуша од Албанија.
Амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, во своето обраќање на денешниот финален натпревар истакна дека денес во Северна Македонија, заедно со вредните спортисти од сите страни на овие простори го оживуваат стрелаштвото, кое има исклучително место во турската античка култура.
„Во текот на историјата, лакот и стрелата наидоа на широка употреба на Балканот. Денес, со задоволство забележуваме дека наклонетоста кон курсевите за стрелаштво организирани со поддршка на Фондацијата „Стрелци“, се зголемува во многу балкански земји“, нагласи амбасадорот Секизќок.
Претседателот на турската Фондација „Стрелци“ и градоначалник на истанбулската Општина Бејоглу, Хајдар Али Јилдиз, во своето обраќање го истакна задоволството што се наоѓа денес во Северна Македонија, на финалниот натпревар во традиционално стрелаштво.
Истакнувајќи дека денеска во Арабати Баба-теќе заедно со децата го насадиле дрвото јавор од кое се произведува лакот на стрелата, Хајдар Али Јилдиз рече дека јаворот е најсилното и најтрајното дрво.
„Се надевам дека нашето пријателство, пријателството меѓу Турција - Македонија и Турција - балканските земји ќе бидат силни и трајни исто како и овие дрвја што ги засадивме“, нагласи Јилдиз.
Заменик-министерот за култура на Северна Македонија, Седат Сулејмани, истакна дека ваквите културни активности се многу значајни во смисла на подобро промовирање на османлиската култура на овие простори.
„Со цел да ги зголемиме овие активности што е можно повеќе, ние како Министерство за култура на Северна Македонија сме подготвени да ја дадеме целата помош доколку тоа се побара“, рече заменик-министерот за култура, Седат Сулејмани.
Главниот извршен директор на АД „Халк банка“ Скопје, Билал Суџубаши, истакна дека за Халк банка претставува голема чест што поддржуваат една ваква организација.
„Им честитам на турската Фондација ‘Стрелци‘ за нивните напори за одржување во живот на нашите традиции и обичаи кои остануваат како наследство за нашите деца, особено стрелаштвото“, подвлече извршниот директор Суџубаши.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, воедно и организатор на натпреварот, во своето обраќање ѝ се заблагодари на АД „Халк банка“ Скопје за дадената поддршка за натпреварот во традиционално стрелаштво.
„Нашиот проект ‘Kemankeş‘ (традиционалното стрелаштво) со изложбата организирана во декември го однесовме чекор понапред. Сега, со овој турнир од ден на ден продолжуваме да ја подобруваме нашата работа. Се надевам дека следните години ќе се сретнеме со уште посеопфатни и попрофесионални активности“, додаде Серхат Кула.
На денешниот финален натпревар присуствуваа претставници на турските институции и организации во Северна Македонија и голем број љубители на традиционалните спортови.