Husamedin Gina
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Народниот правобранител на Северна Македонија, Насер Зибери, истакна дека од вкупно 3.075 предмети примени во 2021 година, народниот правобранител започнал постапка по 2.085, а од нив во 755 е констатирана повреда на човековите слободи и права, јавува Агенција Анадолија (АА).
Народниот правобранител, Насер Зибери, денес го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбеденост на почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.
На презентацијата, народниот правобранител, истакнувајќи дека во изминатата година примиле вкупно 3.075 предмети, рече дека започната е постапка за 2.085 или 67,80 отсто од претставките, а во 755 од нив или 35,82 отсто е констатирана повреда на човековите слободи и права.
„Од вкупниот број, значи на констатирани повреди 755 по кои народниот правобранител утврди повреда, кај 500 од истите или 66,23 отсто од случаите органите на државната управа преземаа мерки за отстранување на повредите кои ги констатираше народниот правобранител, што значи граѓаните имаа можност да ги остваруваат своите права“, рече Зибери.
Најголемиот број примени претставки, како што рече Зибери, се однесуваат на заштита на правата од областа на правосудството, потоа следуваат претставките од областа на детските права, а на трето место се потрошувачките права.
Истакнувајќи дека најголемиот број од претставките минатата, и со години наназад, се однесуваат на областа на правосудството, Зибери рече дека скоро една третина од нив се однесуваат на работата на извршителите.
Народниот правобранител, наведувајќи дека голем број од поднесените претставки се однесувале и на областа права на потрошувачите, особено во делот на испораката на електрична енергија, рече дека регулативата во оваа сфера мора да претрпи измени, посебно во делот на обврската за отчитувањето на броилата.
Зибери, исто така, додаде дека минатата година регистрирани се проблеми и при обезбедувањето промена на документите за лична идентификација, во делот на остварување на правото на надоместок за помош и во делот на детските правa, посебно во делот за остварување на правото на образование.
Меѓу другото, на денешната прес-конференција, народниот правобранител ја истакна својата надеж дека надлежните институции и Собранието, кое е основач на Народниот правобранител, конечно ќе ја сфатат сериозно улогата што ја имаат во областа за заштита на човековите слободи и права, темелната вредност на уставното уредување.