Ekipa
15 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во последните 24 часа во Република Северна Македонија регистрирани се 51 нов случај на коронавирусот, Ковид-19, со што вкупната бројка на евидентирани случаи од почетокот на епидемијата во земјата порасна на 97.101, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од последици предизвикани од коронавирусот во истиот период починаа 9 лица, зголемувајќи го билансот на починати од овој вирус на 2.998.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 308 оздравени пациенти од Ковид-19, додека вкупната бројка на излекувани изнесува 87.960.
Во моментот, бројот на активни случаи со Ковид-19 во Северна Македонија е 6.143.
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се реализирани 755 тестирања за Ковид-19, а досега во земјата се направени вкупно 487.716 тестирања.
Инаку, Министерството денес соопшти дека во среда во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје ќе започне вакцинацијата на здравствените работиници кои работат во ковид центрите низ целата држава.
Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Вчера во земјата од Република Србија пристигнаа 4.680 дози вакцини од производителот „Фајзер“. Со оваа пратка вакцини, како што соопштија од Министерството, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјата.