Besar Ademi
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод Меѓународниот ден на жената – 8. Март, стотици жени поддржани и од страна на мажи, со слоганот „Не сакам цвеќа, сакам правда“ маршираа од градскиот плоштад во Скопје, преку Камениот мост, до паркот „Жена борец“, јавува Anadolu Agency (AA).
Преку овој марш, поттикнат од Платформата за родова еднаквост, тие бараа правда и родова еднаквост бидејќи, според нив, жените во Македонија се почитува само на 8. Март, а во другите денови од годината се третираат како неважни во општеството.
Љуљета Адеми, активист за човекови права која ја прочита пораката на маршот, рече дека жените во Македонија сакаат еднакво, солидаризирачко и прогресивно општество
„Ние, покриените, терористите поради шамијата, јазикот и религијата, од кои се плашите дека ќе ви наштетат, се собравме овде за да покажеме дека не одиме никаде, стоиме цврсто и не прифаќаме да нѐ замолчат во интерес на други цели, не прифаќаме да бидеме во втор план. Нашата желба е еднаквост, правда, фер плати, должна почит, мир, суверенитетот и благосостојба“, истакна Адеми.
Организаторите велат дека целта на маршот е да се изрази загриженост за правата на жените во Македонија, бидејќи, според нив, положбата на жената во општеството се влошува, со посебен акцент за зголемувањето на економската неактивност на жените во Македонија.
Статистичките податоци покажуваат дека 49,9 отсто од вкупното население во Македонија се жени и дека тие живеат 3,9 години подолго од мажите. Во однос на мажите, бројот на дипломирани жени е поголем, односно 57,1 отсто, како и бројот на жени магистри, односно 58,6 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година имало и 143 жени доктори на науки.
Во Република Македонија вкупно се вработени 282.078 жени, од кои 76,3 отсто се вработени во компании во приватна сопственост.