Admir Fazlagikj,Almir Terzic
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
СКОПЈЕ (AA) - Утрово во Скопје се измерени -18 Целзиусови степени, со што стана најстудениот главен град во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
- Македонија: Ниски температури од жолта фаза, полошкиот регион во портокалова фаза
Најниска температура од -22 степена е измерена во Битола, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Согласно најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска за целата држава се предвидуваат ниски температури од алармантна (жолта) фаза, освен во полошкиот регион (Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод), каде што се предвидуваат пониски температури од портокаловата фаза, соопшти Министерството за здравство.
Препораките за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица над 60 години остануваат да важат само за регионот зафатен со портокалова фаза (полошкиот регион - Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод).
- Продолжува студеното време во регионот
По македонската престолнина Скопје, кој утрово беше најстуден, Сараво, главниот град на Босна и Херцеговина е втор најстуден град во регионот, каде што утрово се измерени -17 степени. Исто така, времето е многу студено и во другите главни градови од регионот. Утрово во градовите од регионот се забележани следните температури: -13 степени во Љубљана, Загреб и во Приштина, во Белград -10, малку потопла беше Подгорица, со измерени -6 Целзиусови степени, а најтопла беше Тирана, каде што се измерени -4 Целзиусови степени. Покрај југоисточна Европа, студениот бран го зафати и регионот на средна Европа.
Најстудено беше во Прага, со измерени -16 Целзиусови степени, а во гравниот град на Полска, Варшава, и во главниот град на Словачка, Братислава, температурата изнесуваше -14 степени, во Виена -12 степени, а во Будимпешта -10 степени Целзиусови. Дека средна Европа е под влијание на исклучително студеното време, најдобро говори фактот што во Краков и во Грац се измерени по -17 Целзиусови степени, а пак во Марибор -14 степени. Интересен е и фактот што од наведените градови, потопла беше руската метропола Москва, каде што се забележани -10 Целзиусови степени.
И на Јадранот сè уште останува студеното време со минусни температури. Во Шибеник се измерени дури -6 степени Целзиусови степени. Од друга страна, во западна Европа температурите се над нулата. Во главниот град на Белгија, Брисел, утрово се измерени 6 степени Целзиусови, додека во холандскиот град Амстердам утрово беа измерени 7 Целзиусови степени. Интересно е тоа што во Минхен, Германија, каде што утрово се измерени -3 Целзиусови степени е меѓу топлите градови на Европа.