Bekim Laci
18 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) изрази вознемиреност во врска со проблемите со кои се соочуваат компаниите во вршењето бизнис, и изрази подготвеност во интеракција со државните институции да помага во подобрување на бизнис-климата, придонесувајќи во економскиот развој на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, на прес-конференција истакна дека почнувајќи од стратешките определби, особено од првата определба за правилното спроведување на законите и заштита од селективното спроведување на законите, како и од мисијата која ја има Организацијата за заштита на бизнисите (СКСЗМ), ги донесе следните проценки:
„Економијата во земјата е во една тешка состојба како резултат на бројни фактори кои се поврзуваат со политичките и општествените случувања во последните две години. Политичката и општествената состојба на земјата како резултат донесоа несигурност во правилното и институционалното спроведување на обврските на повеќе страни вклучени во економскиот и административниот живот на земјата, што може да се забележи од извештајот за Глобалниот индекс на конкурентност на Светскиот економски форум, кој ние како комора и партнер на Светскиот економски форум го објавивме вчера.“
Хоџа нагласи дека економскиот развој на земјата е условен од слободната и непречена институционална и неинституционална дејност на бизнисите.
Тој побара проблемите со кои се соочуваат бизнисите, да не бидат резултат на неправилното спроведување на законите.
„Случајот на укинување на деталните урбанистички планови во Општина Карпош и Општина Аеродром се страшни случаи во кои бројни бизниси доживеаја големи финансиски загуби, не поради непринципиелното однесување и недостатоците во усвојувањето на плановите, туку во одредени случаи и поради неодговорното однесување на институциите кои не ги почитуваат законските обврски во нивната работа. Со овие дејствија се прекинува реализацијата на инвестициските проекти на градежните компании“, додаде Хоџа.
Хоџа упати апел до централните и локалните институции за проблемите со кои се соочуваат бизнисите, особено во последно време, да се решаваат со поголема посветеност и со сериозна работа што поскоро да бидат решени и да не се повторуваат.