Almir Terzic
24 Октомври 2024•Ажурирај: 24 Октомври 2024
ЉУБЉАНА (АА) - Нов претседател на Уставниот суд на Словенија ќе биде Рок Чеферин, јавува Анадолу.
Со оглед на тоа што на актуелниот претседател Матеј Ацето му завршува тригодишниот мандат, уставните судии избраа негов наследник.
Тие го избраа Рок Чеферин, кој ќе го преземе мандатот кон средината на декември.
Деловникот за работа на Уставниот суд пропишува дека Уставниот суд по правило мора да го спроведе изборот на претседател триесет дена пред истекот на мандатот на претходниот претседател.
Матеј Ацето беше избран за претседател на Уставниот суд на 8 ноември 2021 година, а неговиот тригодишен мандат започна на 16 декември истата година. Во следниот мандат ќе го наследи Рок Чеферин, кој беше избран за уставен судија во 2019 година.
Тој е експерт во областа на човековите права, особено во областа на правото на слободата на изразување.
Претседателот на Уставниот суд го избираат уставните судии меѓу себе за период од три години.
Гласањето е тајно, а за изборот е потребно мнозинство гласови од сите уставни судии. Доколку ниту еден од кандидатите не биде избран во првиот круг, во вториот круг на гласање влегуваат двајцата кандидати што добиле најголем број гласови.
На ист начин се спроведуваат и избори за потпретседател на Уставниот суд. Инаку, досегашниот претседател на Уставниот суд, Ацето, е еден од седумте кандидати што конкурираат за судија на Судот на ЕУ, каде што во 2003 година стажираше неколку месеци.