Husamedin Gina
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, од Турската агенција за земјоделско осигурување (ТАРСИМ) ќе добие техничка поддршка за воспоставување осигурителен земјоделски пул во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Скопје денеска започна тридневната работилница на тема „Воспоставување на земјоделски осигурителен пул“, на која учествува Серпил Ѓунар, генералната директорка на Агенцијата за управување со земјоделскиот осигурителен систем – ТАРСИМ од Турција.
На отворањето на работилницата поздравен говор одржа заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, кој истакна дека на оваа работилница ќе биде презентирана идејата за воспоставување земјоделски фонд за осигурување на земјоделството, прв од овој вид во Северна Македонија.
„Од економски аспект можам да истакнам дека создавањето на земјоделскиот осигурителен пул е важен чекор напред за државата, со што дополнително се приближуваме кон европските стандарди“, нагласи Битиќи.
Овој осигурителен пул, како што рече Битиќи, ќе биде креиран во соработка со ТАРСИМ, кој веќе 15 години успешно функционира во Република Турција.
Осврнувајќи се на начинот за функционирање на осигурителниот пул, Битиќи рече:
„Замислата е едноставна, но многу практична. На почетокот овој пул ќе се однесува само за осигурување на растителното производство, но понатаму постепено ќе има проширување и подобрување.“
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Арјанит Хоџа, истакна дека Министерството работи за воспоставување одржлив систем за заштита на земјоделците од катастрофални временски непогоди.
„Приоритетот на Министерството е насочен кон зголемување на земјоделските површини, на приносот и квалитетот на земјоделските производи. Тоа значи и поголеми приходи во сите семејства кои се занимаваат со земјоделско производство“, нагласи министерот Хоџа.
Потсетувајќи дека Комисијата за штети при Владата на Северна Македонија секоја година во просек исплаќа 3,5 милиони евра на основ штети од временски непогоди, министерот Хоџа рече дека поради тоа време е да се воспостави организиран систем на земјоделско осигурување.
Серпил Ѓунар, генералната директорка на Агенцијата за управување со земјоделскиот осигурителен систем – ТАРСИМ од Турција, истакна дека во рамките на работилницата ќе се види каков вид систем за земјоделско осигурување ѝ е потребен на Северна Македонија, во рамките на сопствената динамика.
Серпил, осврнувајќи се на тоа како практично би можел осигурителниот пул да функционира во Северна Македонија, рече дека на работилницата ќе се разгледа како функционира земјоделскиот сектор во Северна Македонија.
„Ова е тридневна работилница. Нашата цел е да видиме како функционира земјоделскиот сектор овде. Кои се критичните точки во земјоделскиот сектор. И како можеме да преминеме од управување со кризи кон управување со ризици. Ние тука ќе ги разгледаме овие прашања“, рече Ѓунар, генералната директорка на ТАРСИМ.
Да потсетиме, министерот за земјоделство и водостопанство на Турција, Бекир Пакдемирли, на 26 февруари при посетата на Скопје се состана со неговиот македонски колега Арјанит Хоџа, со кој меѓу другото се разговараше за ТАРСИМ (Турска агенција за земјоделско осигурување).
Министерот Хоџа во таа пригода изјави дека Министерството за земјоделство на Северна Македонија добива техничка поддршка од ТАРСИМ за воспоставување осигурителен земјоделски пул во земјата.