Zylfije Adem Jakupi
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
ПРИШТИНА (AA) - По повод Меѓународниот ден на жените денес е одржана посебна седница на Собранието на Косово, посветена на сензибилизацијата на прашањето за жртвите на сексуално насилство во текот на последната војна во Косово. На пратениците им се обрати и Васфије Касничи-Гудман, која како 16-годишна преживеала силување за време на војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи, изјави дека е неопислива грешка на косовското општество што не создало услови да се слушне гласот на оние што преживеале сексуално насилство во текот на војната, поради неделување на правосудството и поради предрасуди, стигма и недоверба.
Таа истакна дека на жените во Косово „над кои е спроведено диво насилство на српскиот геноциден државен апарат“ им е оневозможено правото да сведочат за злосторството.
„Но да не се признае злосторството, да не се дозволи да се зборува за злосторството, да не се воспостави правдата во земјата, тоа е како одново да го негираш. Да се замолчи гласот на жртвите е исто како да ги силуваш по втор пат“, рече Османи.
Таа ги повика сите преживеани својата историја да ја доверат на Државната комисија за признавање на статусот на сексуално насилство, нагласувајќи дека процесот треба да е доверлив и да ја чува потполната доверливост на жртвите.
Потоа, на пратениците им се обрати Васфије Красничи-Гудман, една од ретките жени од Косово која говори за сексуалното насилство што го доживеала во текот на војната во Косово. Таа тогаш имала 16 години, а ја силувал маж во униформа на српската полиција. По војната отишла во САД, каде што се омажила и е мајка на две деца.
Видно возбудена, Васфије истакна дека таа досега за своето искуство раскажала во многубројни земји, но дека чувството е лошо затоа што знае дека жртвите на силување во Косово немаат поддршка од своите семејства. Васфије рече дека целото косовско општество треба да се срами, бидејќи тоа било воено злосторство.
„Нашата земја, нашето општество нè стигматизира дека не можеме да бидеме добри ќерки, сопруги, мајки, а каде бевте вие пред 21 година кога нè силуваа? Од каде храброст да ги оставите жените и децата?“, запраша таа.
Васфије рече дека често слушала како се зборува дека нејзе ѝ е лесно затоа што мажот ѝ е Американец. Меѓутоа, потсети дека нејзиниот брат е тука и дека тој се соочува со разни приказни.
„Страшно е што тие жени одат во женски здруженија за да добијат поддршка, наместо да ја имаат поддршката од семејството“, рече Васфије и порача дека воените злосторства треба сериозно да се третираат.
На посебна седница на Собранието на Косово говореше и премиерот на Косово, Албин Курти, кој нагласи дека воените рани и понатаму се свежи иако поминале 21 година. Курти рече дека и понатаму повеќе од 1.600 лица се водат како исчезнати и дека за силувањето жени и мажи на Косово сè уште никој не одговарал.
„Денес како премиер имам обврска да делувам, воените злосторници мора да одговараат за злосторствата на сите фронтови. До денес не беше јасно политичкото ангажирање за кривично гонење на воените злосторници, а тоа доцнење е голема пречка бидејќи и сведоците починаа“, рече Курти.
Тој истакна дека минатиот состав на Собранието на Косово изгласал законска можност за воените злосторства да се суди во отсуство и дека нема веќе пречки за судењата на воените злосторници.
Исто така, Курти наведе дека на 5 март 2018 година започнала со работа Државната комисија за признавање и верификација на статусот на жртвите на сексуално насилство во текот на последната војна во Косово и дека досега примила повеќе од 1226 барања за признавање на статусот на жртви на сексуално насилство. Прифатени се 785 барања, одбиени се 236, додека 223 случаи повторно се разгледуваат.
Курти истакна дека ќе инсистира силувањата како најстрашно воено злосторство да бидат дел од дијалогот со Србија, што досега не беше случај, бидејќи не може да се постигне мир без прифаќање на минатото.
„Барање извинување од Србија, репарација и пристап до правдата ќе бидат дел од дијалогот. Меѓу приоритетите на нашата Влада е тужба против Србија на Меѓународниот суд за правдата“, рече Курти.
На седницата говореа и претставници на парламентарните групи, повеќето пратенички.