Abdula Berisha
28 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, организираше прес-конференција за завршната годишна изјава во врска со работата на законодавниот дом, јавува Агенција Анадолија (AA).
Спикерот Џафери во својата изјава рече дека Собранието годинава работело почитувајќи ги здравствените протоколи, со кои се предвидува да не се организираат други настани и собири, додека медиумите можеа да ги следат седниците само од ТВ-каналот на Собранието.
„За жал, и оваа година бевме принудени да функционираме следејќи ги протоколите за заштита од КОВИД-19, што се разбира наметна одредени измени во секојдневното работење на законодавниот дом. Покрај тоа, константно имавме отсуства на пратеници поради заболување со вирусот“, рече Џафери.
Тој потсети дека годинава се одржаа локални избори, период во кој не се одржаа пленарни и комисиски седници.
„Од вкупно 59 одржани пленарни седници одржани во овој мандат од почетокот на овој парламентарен состав, целосно се завршени 39 седници. Незавршени пленарни седници се вкупно 20. Вкупно донесени закони во 2021 година се 209, од кои 111 закони се донесени со редовна постапка, а по скратена постапка се донесени 79 закони“, рече Џафери.
Освен тоа, тој рече дека се донесени 21 закон за ратификација на договорите на Република Северна Македонија со други земји.
Посакувајќи здравје и успех во 2022 година, Џафери увери дека уставните обврски и Деловникот и понатаму ќе бидат основната рамка во која ќе се движи Собранието на Република Северна Македонија.