Elena Trenchevska Chekovikj
27 Ноември 2025•Ажурирај: 28 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Стразбур, Франција, продолжи вториот ден од 24. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Северна Македонија, што се одржува во Европскиот парламент, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Собранието на Северна Македонија, на состанокот, пратениците од Собранието на РСМ и европратениците од Европскиот парламент се фокусирале на перспективите пристапниот процес, добрососедските односи, како и на регионалната соработка и стабилност, за животната средина, транспортот, енергетиката и инфраструктурната поврзаност, а внимание посветиле и на вештачката интелеигенција и дигитализацијата.
Пратениците од РСМ, во своето обраќање на темата Перспективите на пристапниот процес, добрососедските односи и регионалната соработка и стабилност, истакнаа дека последниот Извештај за напредок подготвен од Европската комисија дава сеопфатен преглед на постигнатите резултати, но и детектира недостатоци со препораки за нивно надминување и тие да бидат земени предвид од државните институции.
Посочија дека Северна Македонија припаѓа на Европа и географски и политички и изразија надеж дека сите ќе направат напори тоа да се реализира.
Кај европратениците, кои дискутираа на оваа тема, доминираше ставот дека на Северна Македонија треба да ѝ биде дадена шанса да ги постигне европските критериуми, со тоа што ќе ги почне пристапните преговори и нагласија дека не треба да се пропушти моментот кога ЕУ може да има успешна приказна, во услови кога се соочува со сериозни предизвици.
Во однос на прашањата за животна средина истакнато е дека Република Северна Македонија има постојан напредок во рамките на Поглавје 27, управувањето со урбаните отпадни води, значајна соработка со институциите на ЕУ за зајакнување на усогласувањето на регулативите во управувањето со квалитетот на воздухот, реформата на секторот за отпад и планирањето за прилагодување кон климата. На темата “Транспорт, енергија и инфраструктурна поврзаност“, презентирани се државните политики во оваа насока и нагласено е дека определбата на земјата е инвестирање во инфраструктурата, во декарбонизиран транспорт за да се зајакне безбедноста и да се достигнат европските стандарди.
За темата за вештачката интелигенција и дигитализацијата, пратениците истакнаа дека Владата ја усвоила Национална ИКТ стратегија – SMART/MK: 2030, која поставува системска визија и јасна мапа на патот за развој на дигиталната инфраструктура, унапредување на дигиталните компетенции, модернизација на јавните услуги и стимулирање на иновациите во деловниот сектор.
24. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ - Северна Македонија е заокружен со заеднички препораки усвоени од Делегациите од Собранието на РСМ и Европскиот парламент.