Bojan Bednar
04 Декември 2021•Ажурирај: 05 Декември 2021
БЕЛГРАД
Неколку илјади граѓани денес околу 14:00 часот ги блокираа сите поголеми сообраќајници и сообраќајни јазли во Белград, како што е и најавено, во рамките на протестот со кој српските еколошки и граѓански активисти и студентите го искажуваат своето несогласување со Законот за експропријација, Законот за референдум и најавата на изградба на рудникот за литиум во близина на Лозница. Нема инциденти на протестот, известува Агенција Анадолија (АА).
Блокирани се сите градски мостови, освен „Стариот савски“, а централното место за собирање на демонстрантите беше кај „Сава центарот“, конгресниот центар што е еден од симболите на српската престолнина, од каде што граѓаните тргнаа кон мостот „Газела“ и го блокираа, со што е блокиран и Меѓународниот автопат Белград - Загреб, некогаш познат под името Автопат на братството и единството.
На белградските мостови останаа „заробени“ и неколку десетина приватни автомобили и автобуси на градскиот сообраќај, кои мораа да се свртат и да се вратат од правецот од кој дошле.
Униформирани полицајци, како што најави и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, немаше, но меѓу демонстрантите се забележани полицајци во цивилно.
Покрај во Белград, своето незадоволство со состојбата на животната средина во Србија, но и со состојбата на политичката и медиумската слобода и сè поголемата социјална разлика во општеството, демонстрантите го изразија во повеќе од 50 градови и места во Србија.
Иако беше предвидено блокадата во Белград да вклучи и автомобили, од таа идеја се откажаа бидејќи досега непознатата организација Здружение на граѓанки „Виолетова револуција“, која се противи на блокадите, ги повика своите истомисленици да понесат со себе канти со виолетова боја и да ја истурат врз возилата што учествуваат во блокадите.
Во деновите што им претходеа на денешните протести, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека државата ќе се однесува „апсолутно одговорно“ и дека на демонстрантите ќе им дозволи да прават „што сакаат“ сѐ додека не ги загрозуваат туѓите животи, имотот и институциите. Од друга страна, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, оцени дека протестите и блокадата на патиштата „немаат никаква врска со екологијата“ и најави дека полицијата „ќе реагира во согласност со својата моќ и овластувања“.