Talha Öztürk
21 Јуни 2017•Ажурирај: 21 Јуни 2017
БЕЛГРАД (АА) - Србија во Луксембург отвори уште две поглавја од преговорите за членство во ЕУ, и тоа поглавјето седум, кое се однесува на интелектуалната сопственост и поглавјето 29, кое се однесува на царинската унија, јавува Anadolu Agency (АА).
Србија со тоа има отворено 10 од 35 преговарачки поглавја, а две се привремено затворени.
Министерката за европски работи на Малта, која претседава со ЕУ, Хелена Дали, оцени дека тоа е показател на напредокот на Србија во евроинтеграциите и посветеноста на Унијата на регионот Западен Балкан.
Директорот за проширување и соседска политика во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, изјави дека европската перспектива на Србија е цврста и реална, а тоа се потврдува со отворањето на новите поглавја.
Тој изјави дека поглавјето 7 и 29 се значајни за српската економија.
Дали и Даниелсон истакнаа дека Србија мора да се посвети на владеењето на правото и на темелните слободи, и дека мора да оствари напредок кога станува збор за правосудството, борбата против корупцијата и оти е неопходна нормализација на односите со Косово.
Министерката во Владата на Србија задолжена за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ, изјави дека Србија до крајот на 2017 година треба да отвори уште неколку поглавја и дека за четири до пет години може да биде подготвена за преговари за влез во ЕУ.
„Нашата цел е за тие четири до пет години да го уредиме нашето општество, да ги освоиме европските стандарди и да почнеме да ги применуваме“, изјави Јоксимовиќ.
Таа оцени дека поглавјето седум, за интелектуалната сопственост, ќе ја унапреди положбата на српските компании и уметници, но ќе влијае и на сѐ во врска со индустриската сопственост.