Bojan Bednar
24 Ноември 2022•Ажурирај: 25 Ноември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград ги прими претседавачката со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ и претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС), Милорад Додик, со кои разговараше за соработка на заеднички проекти меѓу Србија и РС и други актуелни теми, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Чувствуваме дека Босна е наша голема обврска и доколку не се врати на позициите на Дејтон и Уставот, не гледаме причина да придонесуваме за антиуставниот пат на Босна и Херцеговина“, изјави Додик на заедничката прес-конференција по средбата.
Тој рече дека по формирањето на новата Влада на РС, во првата недела од декември во Бања Лука ќе се одржи заедничка седница на владите на РС и Србија.
Истакна дека смета оти е важно Вучиќ да знае дека РС е загрозена со одземањето на надлежноста.
„Се договоривме за продолжување на соработката, разбираме дека Србија стои зад Дејтонскиот договор, таа е земја која не се колеба да го поддржи територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, рече Додик.
Тој оцени дека „Западот сака да ги заврши процесите на распаѓање на Југославија, поврзани со ситуацијата во Косово“ и истакна дека „наивно е да се мисли дека прашањата можат да се решат на посебен начин“.
„Ние стоиме зад нашиот народ во Косово и сме подготвени да ги поддржиме неговите права“, рече Додик.
Српскиот претседател Вучиќ изјави дека се согласил со Додик и Цвијановиќ оваа недела да се формира тим на РС и Србија за изградба на меморијален комплекс во Долна Градина, Јасеновац.
Тој наведе дека во тој меморијален комплекс ќе се инвестираат десетици милиони евра, „бидејќи тоа е една од најважните работи што треба да ги направиме заедно“ и посочи дека Србија ќе учествува со 80 отсто од финансиските средства.
Претседавачката на Претседателството на БиХ, Цвијановиќ, истакна дека на новата функција по изборите ја очекуваат големи предизвици, но сака да придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји.
Таа изјави дека со Вучиќ и Додик разговарала за започнатите проекти во кои Србија е инвеститор и коинвеститор и додаде дека изградбата на ХЕ „Бук Бијела“ и аеродромот во Требиње се од стратешки интерес за Босна и Херцеговина.