Abdula Berisha
02 Јуни 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги започна средбите со челниците на државата во рамки на неговата дводневна официјална посета во Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако пристигна на „Меѓународниот аеродром Скопје", Столтенберг заедно со амбасадорите на земјите членки на НАТО, односно Северноатланскиот совет, пристигнаа во Собранието на Република Северна Македонија каде се одржа свечен прием.
Освен претседателот на собранието, Талат Џафери, во собрание беше присутна и владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, како и странските дипломати во Скопје.
Во понеделник, пред платото пред Владата ќе се одржи свечен пречек со највисоки државни и воени почести за генералниот секретар на НАТО Столтенберг. Тој во Владата ќе има и тет-а-тет средба со премиерот Зоран Заев по што ќе се одржи состанок на Северноатланскиот совет со Комитет за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.
Генералниот секретар Столтенберг исто така ќе се сретне и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Северноатлантскиот совет е главното политичко тело кое донесува одлуки во НАТО. Советот ги разгледува воените политики и процеси поврзани со безбедносното прашање што влијаат врз Алијансата. Советот го сочинуваат претставници на земјите членки на Алијансата, а претседател на Советот е генералниот секретар.
Ова е прва посета на Генералниот секретар на НАТО и на Северноатлантскиот совет во Скопје по потпишувањето на протоколот за членство на земјата во НАТО.
Потсетуваме, Столтенберг во Северна Македонија престојуваше во септември минатата година во пресрет на референдумот за промена на името на државата што беше дел од Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција), при што порача дека земјата има историска можност да стане членка на НАТО.