Zülfiya Yakup
06 Јуни 2019•Ажурирај: 08 Јуни 2019
ПРИШТИНА
Стопанската комора на Косово позитивно го оценува Извештајот за напредокот на Косово за 2019 година на Европската комисија во кој се констатира стагнацијата во економската реформа, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукиќи, на прес-конференцијата оцени дека на Косово и понатаму владее дневнополитичката агенда, додека економскиот развој е оставен настрана. Рукиќи изјави дека тоа е причината за падот на странските инвестиции и дека нема напредок во реализацијата на Договорот за стабилизација и придружување.
„Реформите во економијата, од сѐ што гледаме, стагнираат, и тоа е забележано. Она што е загрижувачки во многу извештаи е дека од година во година имаме пад на странските директни инвестиции, додека земјите во регионот ги зголемија странските директни инвестиции. Веруваме дека ова е сериозна тема со која би можеле да се позанимаваат сите институции и сите учесници во политичкото одлучување и во приватниот сектор, бидејќи губиме замав“, изјави Рукиќи.
Рукиќи изјави и дека на приватниот сектор негативно влијаат зголемувањата на платите во јавниот сектор, и дека постои зголемување на бирократијата во многу аспекти поради неусогласеностите меѓу различни институции.
Директорката за економски анализи во Стопанската комора на Косово , Оливера Cени истакна дека истражувањето на анализата на извозот покажува дека претпријатијата имаат проблеми со малиот пазар на Косово, условите на плаќање и недостигот на адекватен персонал.
„Постојат три главни проблеми нагласени од претприемачите, кои не успеваат да пронајдат висококвалификуван персонал. Секако, прв е недостигот на соодветни курикулуми и усогласување на наставните планови и програми со барањата и потребите на работодавачите. Следува, невклучување на младите луѓе во приватниот сектор од две причини, поради недостиг на финансии или безбедност кои ги нуди приватниот сектор на работното место. И трето, но ништо помалку важно, е и миграцијата на младата работна сила“, изјави Оливера Кени.
Таа нагласи дека причините за миграција се ниското економско ниво во земјата и високата стапка на сиромаштија. Според нејзините зборови, само 10 отсто од домашните компании не ги извезуваат производите надвор од Косово, но изразиле подготвеност да извезуваат, 60 отсто од претпријатијата имаат основни информации за тоа како да извезуваат, додека 80 отсто од компаниите изјавиле дека нивните производи ги исполнуваат условите за европскиот пазар.