Admir Fazlagic
20 Јуни 2019•Ажурирај: 22 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Ширум светот со различни активности денеска се одбележува 20. јуни - Меѓународниот ден на бегалците, а по тој повод во знак на солидарност со бегалците, тврдината Кале во Скопје вечерва е осветлена во сина боја. Осветлувањето на тврдината, што се спроведува со поддршка од Градот Скопје, ќе трае до крајот на овој месец, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), ја истакнуваат заложбата дека ќе ги штитат луѓето кои се принудени да избегаат и ќе ги поддржат во нивната борба за достоинствен живот без страв.
„Осветлувањето на тврдината Кале е своевиден симбол на солидарноста и поддршката кон бегалците – една од најранливите категории на луѓе на планетата, од кои половина се деца. Сината светлина исто така е потсетник на сите дела на солидарност кои македонските граѓани ги покажаа кон бегалците во текот на изминатите децении. Се надевам дека овој дух на солидарност ќе продолжи да живее кај нашите граѓани и ќе инспирира уште повеќе луѓе да ја изразат својата поддршка за бегалците. Ова е особено важно во време кога говорот на омраза и ксенофобијата создаваат вести. Сакаме да демонстрираме поинаков наратив – наратив на толеранција, на поврзаност, на заеднички вредности", изјави министерот Никола Димитров, објави Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри, вели дека секоја година на овој ден повикуваат на солидарност со бегалците.
„Оваа година го покануваме секој човек, поединечно и колективно, да направи конкретни чекори за да покаже поддршка за луѓето кои немале друг избор освен да избегаат од своите домови. Личниот пример е најсилниот придонес што можеме да го дадеме за да изградиме подобро и поинклузивно општество во кое никој нема да биде изоставен", вели Сандри, по повод заедничкото одбележување на Светскиот ден на бегалците во 2019 година.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на бегалците има за цел подигање на јавната свест за тешкотиите со кои се соочуваат милиони бегалци кои се принудени да ги напуштат своите домови.
Според извештајот на УНХЦР, минатата година, над 70 милиони луѓе во светот биле принудени да ги напуштат своите домови поради војни, конфликти и прогони, што, според извештајот, претставува најголема бројка во последните 70 години.
Потсетуваме, во времето на бегалската криза во 2015 и 2016 година, Северна Македонија беше дел од таканаречената Балканска рута низ која поминуваа бегалците што доаѓаа од земјите на Блискиот Исток. Од март 2016 година, оваа рута официјално е затворена.
Според податоците на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ), низ Балканската рута во 2015 и 2016 година поминале над 1,1 милион луѓе.
Во однос на моменталната состојба во земјава, според податоците на Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, од почетокот на месецот, во земјава има 76 бегалци.