Dzihat Aliju
28 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Во соработка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Здружението ИЛЕСАМ од Турција се одржа церемонија за доделување 10.000 книги на турски јазик во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Проектот за доделување книги кој се реализира во рамки на програмата насловена „Конференција: Донацијата на книги и книгите се најцврстиот мост во библиотеките во туркискиот свет“, се одржа со поддршка на Министерството за култура и туризам на Турција и Министерството за надворешни работи на Турција.
Во овие рамки, поради пандемијата на Ковид-19 се одржа симболична церемонија за доделување 1.000 книги за библиотеката на Основното училиште „Тефејуз“ во Скопје. На оваа церемонија учествуваа координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, и директорот на Училиштето „Тефејуз“, Салајдин Зекир.
Согут нагласи дека овој проект е нов проект во рамки на нивните проекти во областа на образованието и културата.
Според него, се доделуваат 10.000 книги на турски јазик во Северна Македонија, а во исто време се донираат 10.000 книги и во Узбекистан.
Тој рече дека Сојузот на турските невладини организации во земјата (МАТУСИТЕБ) дал придонес во класификацијата и доделувањето на книгите.
„ТИКА е топла пријателска рака која за хуманитарни цели ја пружи Турција, и продолжува со работите во областа на образованието на Северна Македонија, како и во светот“, истакна тој.
Согут нагласи дека досега ТИКА реализирала различни проекти, како изградба, реставрација и опремување на повеќе училишта со цел да се придонесе во зголемување на квалитетот на образованието на секое дете, без разлика на раса, вера и јазик.
Тој информира дека ТИКА од 2005 година во Северна Македонија реализирала околу 1.000 проекти, од кои најголемите проекти се во областа на образованието и културата.
Според него, книгите ќе бидат доделени на националните библиотеки, државните архиви, одделите за туркологија, како и училиштата во кои наставата се одржува на турски јазик.
Согут нагласи дека доделувањето на книгите за другите институции ќе се реализира постепено.
Директорот на Основното училиште „Тефејуз“, Зекир, го поздрави донирањето на книгите од страна на ТИКА, додавајќи дека сите генерации и ученици ќе имаат корист од книгите.