Furkan Abdula
26 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) – Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) обезбеди поддршка со техничка опрема за телевизискиот канал што емитува програма за малцинските групи при Македонската радио-телевизија (МРТ), јавува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата на испорака на техничката опрема присуствуваа координаторот на ТИКА Скопје, Халим Омер Согут и директорот на Програмата на турски јазик при МРТ, Еран Хасип, како и претставници на каналите на малцинствата кои емитуваат програма на ромски, влашки, српски и босански јазик.
Во изјавата за новинарите, координаторот на ТИКА, Согут, истакнувајќи дека ТИКА спроведува проекти и активности не само на Балканот, туку и во различни земји во светот, рече дека голем број активности се спроведуваат во областа на образованието, земјоделството, здравството, реставрацијата и зголемувањето на институционалните капацитети.
Посочувајќи дека Северна Македонија е мултиетничка земја и дека оваа мултикултурна структура е застапена во оваа и во слични институции, Согут нагласи дека МРТ е институција која ги рефлектира сите заедници кои живеат во Северна Македонија, како што се Турците, Албанците и Македонците.

„Државната телевизија МРТ е институција која има важно место во сеќавањата на сите нас, во сеќавањата на граѓаните што живеат овде. Исто така, денес е многу важна во јавноста, бирократијата и администрацијата и е претставена од сите. Во МРТ, секој, всушност, наоѓа нешто од себе“, додаде Согут.
Потсетувајќи дека ТИКА долги години реализира проекти со МРТ, Согут подвлече дека во границите на можностите секогаш се трудат да ја поддржат МРТ.
Нагласувајќи дека емисиите на турски јазик на МРТ, и на телевизија и на радио, се многу важни во однос на споделувањето на чувствата, мислите и на сонародниците во земјата, Согут рече: „Ние како ТИКА, врз основа на соработката, ја обезбедивме техничката хардверска поддршка што ја гледаме денеска тука. Современа и модернизирана за да може да се работи и во канцеларија и на терен, со специјални програми за монтажа. Многу сме среќни поради тоа“, рече тој.
Директорот на Програмата на турски јазик при МРТ, Хасип, истакнувајќи дека каналот „МРТ 4“ или „МРТ Документарна“ се обидува да емитува емисии веќе две години, рече дека медиумите играат многу сериозна улога во односите меѓу двете земји.
Наведувајќи дека ТИКА го обнови и студиото во рамките на каналот, Хасип рече: „Сега имаме компјутерска поддршка. Ова ќе продолжи и во наредниот период. Ќе продолжи сигурно. Сега имаме 14 компјутери. Претходно го изградивме и студиото. Со други зборови, ТИКА даде огромна поддршка за да се работи во подобри услови.“
Хасип додаде дека како дел од каналот, покрај на турски јазик се емитува и програма на малцинските јазици како што се ромски, босански, српски и влашки за граѓаните што живеат во земјата, и рече: „Затоа, овие можности ќе ги искористиме заедно. Со други зборови, ќе ги дистрибуираме овие компјутери на сите пријатели овде. Ќе ги дистрибуираме и на пријателите од другите етнички заедници. И нашето студио ќе го користиме заедно.“

Нагласувајќи дека овој канал за многу кратко време ќе заземе многу важно место во Северна Македонија, Хасип рече: „Затоа што, освен на Македонците и Албанците, треба да биде глас и на другите етнички заедници што се чувствуваат како граѓани на Северна Македонија. Затоа работиме заедно. ТИКА ја поддржува не само Програмата на турски јазик, туку и на другите етнички заедници со кои сме на истиот канал.“
Со цел да се зголеми техничкиот капацитет на каналот за емисии на малцинските групи и да се зајакне неговата инфраструктура, ТИКА ја обезбеди потребната техничка опрема како што се десктоп компјутери, лаптоп компјутери и монитори кои ќе се користат во теренските и студиските работи на МРТ.