Husamedin Gina
21 Април 2021•Ажурирај: 22 Април 2021
СКОПЈЕ
Република Турција за припадниците на Армијата на Северна Македонија донира 7.400 комплети гортекс-униформи (палто и панталони), од сопствено производство, јавува Агенција Анадолија (АА).
По примопредавањето на донацијата која беше извршена во касарната „Илинден“, министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска и амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизќок, дадоа изјава за медиумите.
Радмила Шекеринска, потсетувајќи дека Турција беше многу гласен и постојан сојузник во сите изминати години на нашата политика за приклучување кон НАТО, рече дека Турција на состаноците на НАТО постојано истакнуваше дека стабилноста на регионот може само да порасне доколку се приклучиме во НАТО.
„Денеска сме тука заедно со амбасадорот на Република Турција да ја поздравиме оваа последна донација од страна на нашите сојузници, а тоа се 7.400 гортекс-одела, од кои секој припадник на Армијата на Република Северна Македонија, практично, освен основната опрема ќе добие и униформа одело гортекс која му овозможува живеење, вежбовни активности и операции во секакви временски услови“, нагласи министерката Шекеринска.
Истакнувајќи дека на денешниот настан одговара народната мудрост „ако самиот си сработиш, и пријателите подобро ќе ти помогнат“, Шекеринска рече дека во текот на изминатите години во фокус се ставени проблемите со личната опрема и униформите на војниците и дека тие се решени.
Шекеринска, наведувајќи дека ова е само мал дел од поддршката на Турција која ја дава и во изминатите и во овие години, рече дека оваа униформа ќе се носи и со гордост и со свесност дека е вложено и во безбедноста на земјата, но и во безбедноста на регионот и на Алијансата.
Амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизќок, истакна дека денеска, овде, во [Северна] Македонија, во срцето на Балканот, се собрале уште еднаш со големо задоволство да ја применат вековната солидарност, споделувањето и соработката помеѓу двата народи.
Наведувајќи дека и самото реализирање на оваа церемонија во месецот Рамазан, кој изобилува со доблестите како што се споделувањето и солидарноста, амбасадорот Секизќок рече дека донацијата уште повеќе го зајакнува значењето на соработката помеѓу двете воени сили.
„Турција како напредна земја во областа на одбранбената индустрија ќе продолжи да дава секаков вид поддршка при модернизацијата на Армијата на Република Северна Македонија“, нагласи амбасадорот Секизќок.
Соработката меѓу двете земји која се базира на сигурни темели, како што нагласи амбасадорот Секизќок, ќе продолжи да се развива во сите области и во наредниот период.
Турскиот амбасадор Секизќок, меѓу другото ја истакна и увереноста дека Армијата на Северна Македонија и во наредниот период ќе продолжи успешно да ги извршува своите обврски.