Fatjon Cuka
19 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
ТИРАНА (АА) - Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Албанија, Кнут Флекенштајн, денеска истакна дека преговорите за процесот на членство на Албанија во Европската Унија (ЕУ) можат да започнат во првата половина на 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Европратеникот Флекенштајн по неговите средби со високите претставници на Албанија одржа прес-конференција во Тирана, при што нагласи дека целта на посетата е внимателно да се разгледа состојбата во земјата по изборите во јуни, за да се разгледаат приоритетите на Владата и Собранието на Албанија.
„Ние во Европскиот парламент ќе продолжиме да ги охрабруваме сите актери во ЕП, така што преговорите со Албанија да започнат во првата половина на наредната година. Албанија треба да продолжи напорно да работи за започнување на преговорите. Со започнувањето на преговорите ќе имаме можност да дискутираме и за други работи до моментот кога Албанија ќе стане земја-членка. Клучниот приоритет треба да се спроведува. Не би било фер да има дополнителни услови за отворање на преговорите“ рече Флекенштајн.
Флекенштајн пренесе дека реформите во правосудството не се лесен процес, но, според него, тие ќе продолжат.
Тој за време на посетата на Албанија се состана со албанскиот претседател Илир Мета, претседателот на Собранието, Грамоз Ручи, опозицискиот лидер, а воедно и претседател на албанската Демократска партија, Љуљзим Баша, како и со министрите од владиниот кабинет, а во фокусот на средбите беше напредокот на спроведувањето на реформите во правосудството.