Eren Beksaç
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
ПРИЗРЕН (АА)
‒ Ерен БЕКСАЧ
Фотографот од Косово, Нафис Локвица, создава визуелна архива на градот Призрен со фотографиите кои ги снимил од 1974 година кога почнал да работи во оваа професија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Локвица во својата архива има снимки од важни историски настани како што се распадот на Југославија, војната во Косово, администрацијата под водство на ОН во земјата и независноста на Косово, но и од речиси сите култури и уметнички активности во градот. Тој со своите фотографии ги открива периодичните и културните промени на Призрен и Косово.
Тој во изјава за АА говореше за своите амбиции во врска со професијата, своите спомени, за проблемите со кои се соочил за време на процесот на дигитализирање на својата архива од фотографии и видеоснимки, како и за нивната заштита.


Локвица нагласи дека во младоста работел различни професии, но дека фотографирањето секогаш била негова примарна страст.
Според него, неговото хоби за архивирање фотографии со текот на времето се претворило во страст.
Како што рече тој, продолжува со работите за зачувување на неговата архива во дигитална платформа.
„Во архивата ги има сите настани во Призрен. По 1981 година поминавме низ турбулентен период. Потоа доаѓа распадот на комунизмот и процесот на преминување во повеќепартиски систем. Исто така, во архивата ја има војната во Југославија, протестите, војната во Косово и настаните кои доаѓаат по неа, доаѓањето на КФОР, како и доаѓањето на турските војници“, нагласи тој.

Локвица истакна дека со оглед на тоа што домот и работното место се наоѓаат во центарот на градот, брзо може да стигне до настаните што се одржуваат.
„Фотоапаратот постојано ми беше закачен на рамо. Една по една ги прошетав улиците и ги фотографирав старите куќи, објектите, историјата на Призрен. Порано во Призрен имаше капиџици низ кои можеше да се премине од еден сосед кај друг. Тоа е обичај кој останал од Османлиите. Со мојот фотоапарат ги сликав сите капиџици. За жал, денес поголемиот дел од тие куќи се срушени“, рече Локвица.
Тој вели дека очекува својата архива да биде на услуга на културното наследство на градот, и дека професорите по историја, како и лицата кои се занимаваат со печатени дела, од него бараат помош за фотографии и информации.

Локвица истакна дека со своите снимки го поддржува културниот и уметничкиот живот на Призрен, на сите негови чинители, без разлика на религијата.
„Го следев секој чекор од доаѓањето на турските војници во Косово. Тоа го архивирав посебно. И со фотографии и со видеоснимки е документирана сета помош и услуги на турските војници за овој народ. Им помогнав на сите турски здруженија, како и на нашето главно здружение „Догру Јол“, кое го следам од 1974 година до денес“, додаде фотографот од Призрен, Локвица.