Aldijana Hadzic
25 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
ЗАГРЕБ
Задарската полиција ја откри најголемата плантажа со марихуана во областа на овој округ во Хрватска, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сопственикот засадил повеќе од 7.500 стебленца марихуана на индустриската плантажа од коноп“, објави Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска.
Полициски службеници спроведоа кривична истрага против 58-годишниот хрватски државјанин, кој е осомничен дека во мај 2021 година, на дел од парцела со вкупна површина од околу 10 хектари во сопственост на Република Хрватска, а која ја користи неговата компанија регистрирана за одгледување на индустриски коноп со седиште во Задар, засадил над 20.000 стебленца коноп.
Врз основа на наредбата на Државното обвинителство, во Центарот за форензички истраги, истражувања и вештачења „Иван Вучетиќ“ во Загреб, беше спроведено токсиколошко вештачење на материјали и е утврдено дека за наведените стебленца коноп, просечната вредност на ТХЦ е поголема од дозволената, а со понатамошните проценки е утврдено дека масата на лисја и цветни врвови, односно почетокот на цветните врвови, изнесувала над 8.000 килограми марихуана.
Поради сомнение дека сторил кривично дело од областа на кривични дела против здравјето на луѓето, неовластено производство и трговија со дрога, против 58-годишникот е поднесена кривична пријава до Општинското државно обвинителство и тој е предаден до полициската управа во Задар.
Во врска со ова кривично дело, полициските службеници, во соработка со надлежното Државно обвинителство, ја продолжуваат кривичната истрага.