Fatjon Cuka
25 Декември 2024•Ажурирај: 26 Декември 2024
ТИРАНА (АА) - Христијаните во Албанија денес го слават Божиќ, а во главниот град Тирана и во другите градови се одржаа традиционалните миси, јавува Анадолу.
Централните миси се одржаа во Тирана, во католичката катедрала „Свети Павле“ и во катедралата на православната црква, со учество на верници, свештеници и други.
По повод Божиќ високите функционери на Албанија упатија честитки до христијанските верници.
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, ја посети католичката катедрала „Свети Павле“ во Тирана, а на социјалните мрежи објави честитка до верниците.
Бегај во својата порака рече дека Божиќ е празник што го симболизира раѓањето на надежта и мирот и празник што „нѐ поканува да застанеме за еден момент и да размислиме за највисоките вредности на човештвото: љубовта, солидарноста, разбирањето и простувањето“.
Честитки објавија и премиерот Еди Рама и претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали.
Божиќ во Албанија се одбележува како државен празник, а за овој ден се организираат разни церемонии и активности.