Selen Temizer,Eşref Musa,Levent Tok,Burak Karacaoğlu
13 Март 2018•Ажурирај: 14 Март 2018
АФРИН/АНКАРА (АА) - Генералштабот на турската војска соопшти дека во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, центарот на градот Африн е ставен под потполна опсада, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските сили и Слободната војска на Сирија вчера јужно од центарот на градот Африн од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ ослободија 12 села и го затворија центарот на градот во обрач.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Еродган соопшти дека од почетокот на операцијата досега, бројот на неутрализирани терористи изнесува 3.400.
Паралелно со тоа, репортер на АА од терен јавува дека турските сили на југ отвориле безбеден коридор за цивилите кои сакаат да го напуштат градот.
Турските вооружени сили поддржани од Слободната војска на Сирија ги ослободија и селата Магараџак и Дермешканла.
Според картографските пресметки на АА, турските сили од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ ослободија 214 места, од кои 177 села и 37 критични точки, а ослободена е и теротирија со површина од 1.102 километри квадратни.
Областа Африн е составена од центарот на градот и шест подрачја: Раџу, Булбул, Шејх Хадид, Џиндерес, Шеран и Мабатла. Сите се ставени под контрола, освен подрачјето Мабатла.
Во екот на напредувањето на турските сили и стегањето на обрачот околу центарот на Африн, терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ се концентрираа во центарот на градот, каде што ги донесоа цивилите од околните места за да ги користат како жив штит.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно на правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.