Zülfiya Yakup
06 Октомври 2019•Ажурирај: 06 Октомври 2019
ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија на Косово соопшти дека сите гласачки места за предвремените парламентарни избори во Косово се отворени утрово во седум часот, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на ЦИК, Валмир Елези, на првата конференција на оваа институција задолжена за организација на изборите за новинарите рече дека сè се одвива според планот.
„Во раните утрински часови поделен е изборниот материјал на гласачките места и сите гласачки места се отворени според предвиденото време, со исклучок на неколку гласачки места, што е многу мала бројка, кои доцнеа неколку минути. Во првиот час, според информациите од теренот, изборниот процес почна без какви било проблеми“, рече Елези.
Елези во името на ЦИК ги повика гласачите да го искористат своето право на глас.
Се гласа во 895 гласачки центри со вкупно 2.547 гласачки места, кои ќе бидат отворени до 19 часот. Право на глас имаат 1.937.869 гласачи.
Вкупно 1.067 кандидати за пратеници од 25 политички субјекти, од кои 20 политички партии, 4 предизборни коалиции и еден независен кандидат, се натпреваруваат за да влезат во Парламентот, кој брои 120 пратеници.
Изборите ќе ги набљудуваат околу 50.000 набљудувачи, меѓу кои и набљудувачи од Европската Унија (ЕУ).
Денешните избори се седми по ред во Косово, а четири од нив се предвремени парламентарни избори.
На изборите се оди поради оставката на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, кој поднесе неотповиклива оставка откако доби покана за разговор како осомничен од Специјалниот суд за Косово.