КОТОР (АА) - Во Котор денес почна Самитот на лидерите на Западен Балкан и на Европската Унија (ЕУ), кој ги собра лидерите на земјите од регионот, претставници на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Анадолу.
Самитот го отвори црногорскиот премиер Милојко Спајиќ.
На Самитот присуствуваат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, премиерот на Косово, Албин Курти, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеи, американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О'Брајан, и специјалниот пратеник на Франција, Рене Троказ.
„Планот за раст за Западен Балкан претставува јасен сигнал за посветеноста на Европската Унија за економска и демократска трансформација на Западен Балкан“, рече премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Тој порача дека Владата на Црна Гора е посветена на европските реформи и имплементацијата на мерките потребни за реализација на Планот за раст.
- Приближување на земјите од регионот кон ЕУ -
„Во контекст на предизвиците на економски план, Црна Гора е посветена на инфраструктурниот развој во согласност со Планот до 2030 година. Исто така, инвестирањето во младите го сметаме за инвестиција во сигурна безбедност, па така сметаме дека младите се клучен лост на Планот за раст на Западен Балкан. Сигурен сум дека со отворањето нови хоризонти ќе се приближиме до пазарот на Европската Унија“, рече Спајиќ.
Инвестирањето во човечките ресурси и нивното зачувување, како што истакна Спајиќ, ќе помогнат да се остварат објективните цели зацртани со Планот за раст.
„Сигурен сум дека за време на Самитот ќе имаме можност да ги усогласиме нашите приоритети. Исто така, верувам дека ќе се усогласиме дека Европската Унија е посилна со повеќе членки и дека наскоро ќе бидат подготвени за проширување во правец на земјите од Западен Балкан“, рече Спајиќ.
Борјана Кришто, претседателката на Советот на министри на БиХ, соопшти дека БиХ отворила ново поглавје што ја приближува земјата до европското општество и дека ќе останат посветени на својот проевропски пат.
Косовскиот премиер Албин Курти ја потврди посветеноста на реформите што пред нив ги постави Европската Унија, велејќи дека е важно да се спроведат за да се реализира Планот за раст.
„Барам Србија да ги процесуира Милан Радојичиќ и неговата парамилитантна структура за да се реши случајот со терористичкиот напад во Бањска, кога беа убиени четири лица“, рече Курти во врска со разрешувањето на таа ситуација.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека му е задоволство што е во заливот Бока Которска. Тој го изрази својот ентузијазам и им се заблагодари на Оливер Вархеи и на Европската комисија за нивната посветеност.
„Напредокот што го постигнавме од последната средба во Скопје говори сам за себе. Подготвивме индивидуални планови за реформи и многу поголем напредок. Ние сме подготвени“, порача Рама.
- Пораката на Вучиќ до Црна Гора -
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека нема порака за Црна Гора кога е во прашање Резолуцијата за геноцидот во Сребреница.
„Која е смислата на Резолуцијата? Велите дека не е наметнување колективна вина, туку што е“, праша Вучиќ.
Тој истакна дека „секој нека ја сноси“ својата одговорност.
Помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан рече дека приоритет на Планот за раст е да се создаде единствен пазар на циркулација на пари, што во практична смисла значи дека секојпат кога во некоја банка ќе се праќа пари ќе се има помалку трошоци, што е од голема корист за граѓаните и стопанството. Како резултат на Планот за раст ќе има повеќе работни места и полесно движење на пазарот.
Самитот се организира под слоганот „Еден регион, заедничка визија“ (One region, common vision).
На настанот, покрај лидерите и министрите од земјите од регионот, повикани се и партнерските организации, како што се Советот за регионална соработка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка, Транспортната заедница, Атлантскиот сојуз, Енергетиката заедница, Фондацијата за отворено општество, РеСПА, ГИЗ, високи претставници на Европската комисија и други.