ЦЕТИЊЕ (АА) – Најмалку четири лица смртно настрадаа во злосторство што се случи денеска во Цетиње, на југот на Црна Гора, а безбедносните сили трагаат по осомничениот, потврдија од полицијата, пренесува Анадолу.
Полициската управа на Црна Гора објави фотографија од Аца Мартиновиќ, осомничен за повеќекратните убиства во Цетиње.
Во полициското соопштение се наведува дека во пукање во угостителски објект Мартиновиќ убил најмалку четири лица, меѓу кои и членови на своето семејство, по што вооружен го напуштил објектот и побегнал.
„Полицијата ги презема сите активности од своја надлежност со цел лоцирање и ставање под контрола на лицето, а на терен се сите расположливи организациски единици на полицијата, вклучително и Специјалната полициска единица. Напоменуваме дека лицето е вооружено и опасно, и уште еднаш директно апелираме до граѓаните на Цетиње да бидат присебни и да останат во своите домови и да не пуштаат непознати лица во своите домови, додека полицијата ги презема сите мерки и дејствија со цел нивна заштита и процесуирање на сторителот на ова дело“, се истакнува во соопштението на црногорската полиција.
Радиотелевизија Црна Гора претходно објави дека се убиени седум лица, но немаше официјална потврда.
Црногорските медиуми објавија дека на пукањето денес во попладневните часови му претходела физичка пресметка во локална кафеана, по што напаѓачот употребил огнено оружје.
„Повеќекратни убиства се случија во попладневните часови во ресторан во градот Бајице, кога А. М. отворил оган врз неколку лица“, соопшти претходно полициската управа.
Црногорските медиуми јавуваат дека премиерот Милојко Спајиќ пристигнал во Клиничкиот центар на Црна Гора каде се хоспитализирани ранетите во пукањето во Цетиње. Како што изјави за РТВЦГ, четири лица се тешко ранети, и операциите се во тек.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази сочувство до семејствата на жртвите и граѓаните на Црна Гора по денешниот масакр во Цетиње, во кој се убиени повеќе лица.
„Со тага, неверување и длабоко жалење ја примив веста за масакрот во Цетиње, кој однесе невини животи и нанесе огромна болка на семејствата и сограѓаните на жртвите. Овој суров чин на лудило нѐ повикува сите нас да најдеме сила и да ја дадеме сета поддршка на оние кои ги загубија своите сакани, како и да продолжиме заедно да се бориме за општество во кое највисоките човечки вредности ќе преовладуваат над омразата и насилството“, се истакнува во пораката на Вучиќ објавена на официјалните профили на социјалните мрежи.
Вучиќ изрази сочувство до црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ по повод грозоморниот масакр во Цетиње и им понуди поддршка на државните органи на Црна Гора, како и секаков вид помош од страна на Србија.