AA
19 Февруари 2023•Ажурирај: 21 Февруари 2023
ПОДГОРИЦА (АА) - Државната изборна комисија не ја усвои кандидатурата на лидерот на Движењето „Европа сега“, Милојко Спајиќ, за претседател на Црна Гора, јавува Анадолу.
Таквата одлука е донесена поради поседување државјанство, право на глас, пасош и престој на Спајиќ во Република Србија.
Црногорските закони не дозволуваат граѓаните да имаат второ државјанство, освен во случаи ако е стекнато пред обновувањето на независноста во 2006 година, или кога постои меѓудржавен договор за двојно државјанство. Црна Гора нема таков договор со Србија.
Спајиќ, кој е на чело на Движењето „Европа сега“, е поранешен министер за финансии во Владата на Здравко Кривокапиќ, формирана по изборите во 2020 година и падот на тридецениското владеење на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ. Тој на јавноста ѝ е познат по економската програма „Европа сега“, што ја започна за време на неговиот министерски мандат. Со неа е укинат придонесот за здравството, а минималната плата е зголемена од 222 на 450 евра, додека просечната плата од 530 на 670 евра.
Тие потези му донесоа огромна популарност кај граѓаните, а според бројните анкети, Спајиќ беше сигурен учесник во вториот круг од изборите.
Претседателските избори во Црна Гора ќе се одржат на 19 март. Досега е потврдена кандидатурата на лидерот на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ. Рокот за поднесување кандидатури е 26 февруари.