Admir Fazlagic
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, денеска одржа прес-конференција по повод 100 дена од работата на новата Влада, при што се осврна на главните активности што Министерството за одбрана ги има спроведено во овој период. Во своето излагање, министерката Шекеринска рече дека е вратен фокусот кон клучните реформи во одбраната и кон членството во НАТО, рестартиран е блокираниот процес на изработка на Стратегиски одбранбен преглед, кој е клучен документ што ги дефинира одбранбените реформи, и подобрени се внатрешните состојби во Министерството за одбрана и во АРМ, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Шекеринска во своето обраќање по повод 100-те дена управување со Министерството за одбрана рече дека и покрај заложбата на досегашните влади, затекнала застој во реформите во одбраната и одлагање на сите клучни процеси.
Таа потсети дека се обврзала оти ќе се посвети на обезбедување на неопходните реформи кои ќе ја зголемат безбедноста и ќе гарантираат професионална и безбедна армија.
„По изминати 100 дена на оваа Влада и на мене како министер за одбрана, со задоволство можам да кажам дека Република Македонија повторно се гледа како кредибилен субјект на меѓународната сцена, вратен е фокусот кон клучните реформи во одбраната и кон членството во НАТО“, истакна Шекеринска.
Таа потсети дека од првата официјална посета на Брисел од претставиците на новата Влада на државата, преку бројни средби со колеги министри од неколку земји од регионот, меѓу кои ги издвои Албанија, Бугарија, Романија Словенија, како и средби со претставници на речиси сите земји-членки на НАТО, посочи оти е направивен пробив во претставувањето на новата политика на Владата за враќање на државата на патот на добрососедството, партнерството и соработката, но и за испорачување на реформите на коишто се обврзале.
Министерката Шекеринска потсети на јасната поддршка на американскиот потпретседател Пенс, за кој рече оти јасно порачал дека САД се стратешки партнер на Македонија, додавајќи дека со САД е склучен стратешки договор со којшто тие стојат зад Република Македонија во определбите за интеграција во НАТО.
Во активностите коишто во изминатиот период ги имаа Министерството за одбрана и АРМ, министерката Шекеринска ја спомна и заедничка вежба на АРМ и Армијата на САД „Dragoon Guardian“, која се реализираше на армискиот полигон Криволак. За вежбата, таа рече дека е потврда оти РМ е сигурен партнер на кој НАТО може да се потпре, да се потпрат стратешките партнери, а за учеството на македонската армија во мисиите на НАТО истакна дека државата добива пофални зборови.
Шекеринска во своето денешно излагање истакна дека е рестартиран блокираниот процес на изработка на Стратегиски одбранбен преглед, за кој посочи дека е клучен документ кој ги дефинира одбранбените реформи, реформите во армијата, но и оти е клучен документ важен за членството на земјата во НАТО.
„Затекнав целосна блокада на процесот за изработка на стратегискиот одбранбен преглед. Тој е основа за долгорочен план за развој на одбраната, за модернизација и осовременување на армијата“, образложи министерката.
Во контекст на 100-те дена од работењето во Министертвото за одбрана, таа рече дека во ресорното министерство активно се работи на подобрување на внатрешните состојби во Министерството и во АРМ. Во однос на наведената цел, Шекеринска рече дека со ребалансот на буџетот е овозможена непречена исплата на платите, надоместоците за мисии и дел од пензиите што се исплаќаат преку буџетот на Министерството за одбрана. Шекеринска појасни дека Владата и таа лично, како министер за одбрана, ќе работат на обврските во поглед на зголемување на буџетот на одбраната, при што е предложено во идните буџети, секоја година средствата да се зголемуваат кон обврската за издвојување на 2 проценти од БДП.
На крајот, министерката Шекеринска порача дека членството на Македонија во НАТО значи многу повеќе од исполнување на многу одамна зацртана цел: сигурни и безбедни граѓани, посилен економски раст, бидејќи како што посочи ,тоа носи повисок животен стандард, сигурни инвеститори и безбедни граѓани кои се подготвени да отвораат нови работни места.