Admir Fazlagic
15 Октомври 2022•Ажурирај: 15 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Поранешната министерка за одбрана на Република Северна Македонија и потпретседателка на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Радмила Шекеринска, во Берлин е избрана за потпретседател на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ми претставува огромна чест да ве информирам дека на Конгресот во Берлин ме избраа за потпретседател на Партијата на европски социјалисти (ПЕС). Честа е дотолку поголема што ова е прв пат ПЕС да избере на таа позиција личност која доаѓа од земја која не е членка на Европската Унија“, истакна Шекеринска во објава на нејзиниот официјален профил на социјалните мрежи.
Таа упати благодарност до новиот претседател Стефан Лвен, кој го дал предлогот, и до сите нејзини колеги кои го поддржале предлогот.
Честитки за изборот на Шекеринска за потпретседателка на ПЕС упати и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Тој во пораката на социјалните мрежи истакна дека „ова е голем успех за земјата и за сите македонски социјалдемократи“.