Admir Fazlagic
23 Февруари 2021•Ажурирај: 24 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Основното јавно обвинителство на Република Северна Македонија за гонење на организиран криминал и корупција соопштува дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, обвинет во предметот „Таргет-Тврдина“, во попладневните часови се јави во обвинителството и притоа му е врачено Решение за определена мерка куќен притвор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Пред два дена како резултат на оперативни сознанија кои укажуваа на можност од бегство, на предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд – Скопје со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му определи мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. До денес обвинетиот беше недостапен за органите на прогонот", се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Вчера Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение за согласност за распишување меѓународна потерница од страна на Министерството за внатрешни работи за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, откако ден претходно, на 21 февруари, беше започната потрага по Мијалков, за кој судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“.
Пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ треба да биде изречена во петок, на 26 февруари.
Во врска со случајот со поранешниот директор на УБК Мијалков, премиерот Заев вчера за новинарите изјави дека „народот бара и очекува правда "и дека „се случило уште едно бегство."
Исто така, своја реакција за овој случај имаше и претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој во објавена писмена реакција ги повика сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки со цел да биде спроведено судското решение за притворот на Мијалков.
- Случај „Таргет Тврдина"
Мијалков е првообвинет меѓу 12-те лица обвинети во предметот „Таргет-Тврдина“.
Во предметот се обвинети и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
Како што стои во обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.