Admir Fazlagic
21 Септември 2017•Ажурирај: 22 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска, во организација на aмбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија оствари средба со делегација на Комисијата за меѓународни односи на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство, лордот Брус Грокот и бароницата Џин Кусинс, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието, Џафери на почетокот на средбата изразил голема благодарност за силната и отворена поддршка што Обединетото Кралство ја дава за Република Македонија во однос на потребните внатрешни реформи на патот кон нејзиното интегрирање во евроатланските структури, и нагласил дека и покрај Брегзит, во Република Македонија и понатаму ќе бидат добредојдени британските искуства од членството во Европската Унија, кои ќе помогнат во остварувањето на стратешката цел, а тоа е полноправното членство во Унијата.
Претседателот Џафери информирал за потпишувањето на вториот Меморандум за соработка со Вестминстерската фондација за демократија, што се случи на 15 септември, на Денот на демократијата, а тоа е и потврда за одличната соработка што се негува во изминативе дваесет и пет години, меѓутоа и потврда за подготвеноста на Македонија за стекнување и имплементирање на добрите парламентарни практики според примерот на британскиот Парламент, кој, како што се наведува, е лулка на светската парламентарна демократија.
Од кабинетот на Џафери информираат дека за време на средбата на Џафери со лордот Грокот и бароницата Кусинс станало збор и за првите предизвици со коишто се соочил претседателот на Собранието на Република Македонија, Џафери, при преземањето на оваа висока државничка функција, истакнувајќи дека тоа се унапредувањето на демократските процеси, јакнењето на институциите, зацврстувањето на контролната улога на парламентот, транспарентен парламент и во согласност со овие предизвици, и потребата од одредени измени на Деловникот на Собранието.
Лордот Грокот и бароницата Кусинс изразиле задоволство од приемот во Собранието на Република Македонија.
„Функцијата претседател на парламент е најважна и најодговорна, особено при транзицијата на власта. Таа позиција бара голема лична посветеност и истрајност, а фактот што јавното мислење и поддршка се подобрени, дополнително го охрабруваат за работа актуелниот претседател на Собранието“, се вели во соопштението.
Меѓу другото, соговорниците размениле мислења околу идните предизвици на новиот парламентарен состав, околу улогата на Собранието како коректив на извршната власт и за потребните реформи според Планот „3-6-9“ на Владата, во насока на што побрзо интегрирање на Република Македонија во евроатлантските структури.
Исто така, одржувањето и негувањето на добрососедските односи е императив за заедничката регионална стабилност, се наведува во соопштението.