Ivana Ramadanova
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржува Национална конвенција на Европската Унија (ЕУ) во Република Македонија на која се обрати претседателот на Собранието на РМ кој рече дека оваа работна сесија е првата со која ќе започне мобилизацијата на стручната јавност, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Собранието потенцираше дека претстои долг и напорен пат, но, како што додаде, со заеднички ангажман и поддршка убеден е дека резултатите нема да изостанат.
„Убеден сум дека стратешката определба на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ е добро позната на сите, а за тоа постои и голема поддршка кај граѓаните на Република Македонија. Националната конвенција за Европска Унија во Република Македонија претставува отворен форум за постигнување на поширок општествен консензус за прашања поврзани со пристапувањето на Република Македонија кон Европската Унија. Тоа е модел на мобилизација на стручната јавност за зголемување на интеграциските капацитети на општеството преку дијалог за витални теми во духот на европската легислатива и европските практики“, истакна Џафери.
Според Александар Дулеба, Директор на Асоцијацијата за надворешна политика на Словачка, договорот за Европското членство треба да биде национален договор и тој процес треба да биде отворен за сите граѓани, за сите невладини организации (НВО) и за сите засегнати страни.
„Реформските процеси треба да бидат една добра шанса да се мобилизира македонското општество и да се направи Македонија да биде подобра. Луѓето треба да имаат предвид дека Скопје не е број еден во контекст на евроинтеграциите, туку дека има и други региони во државата кои треба да бидат дел од македонската интеграција“, истакна Дулеба.
Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова - Трајковска, порача дека Стразбур е патот кој води кон Брисел во однос на владеењето на правото. Мора да се работи на практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), затоа што не постои предмет и аспект со којшто се соочуваат националните судови што не поминал низ предворјето на ЕСЧП.
„Нема владење на правото ако претходно како предуслов не се обезбеди независно судство, ослободено од сите стеги на политиките од сите стеги на притисоците, независно од каде тие доаѓаат. Тоа е вклопено и во документите на организацијата на Обединетите Нации, меѓутоа и во другите документи на Советот на Европа“, истакна Лазарова - Трајковска.
Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија, која официјално започна со работа со пленарната седница на 9 ноември 2017 година, е базирана врз словачкиот модел и како двегодишен проект, поддржан од УСАИД, „СловакАид“ и словачката Асоцијација за надворешна политика СФПА, е имплементиран од страна на Европското Движење во Република Македонија (ЕДРМ), со поддршка на Собранието на РМ и на највисоките државни институции.